Дека Венко Филипче и „талогот на СДС“ не се грижат за граѓаните и државата, веќе на сите им е јасно. Филипче е против секоја корисна идеја и секој проект, како што е и развојот на индустријата со дата-центрите, вели Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција.
Лефков посочи дека во рамки на опозициската партија постојат различни ставови за ова прашање, а како пример го посочи и поранешниот премиер и актуелен пратеник од СДС, Димитар Ковачевски.
„Дата-центрите или центри за податоци се тема на која талогот на СДС и Филипче се најдоа на различни страни и со своите сопартијци, меѓу кои пратеници, како и со пратеникот од СДС и поранешен премиер Димитар Ковачевски. Значи, и луѓе од СДС гледаат дека развојот на овој вид индустрија е предност и за граѓаните, но и за Македонија како држава и за нејзиниот развој. Остана само талогот од СДС и Филипче, кои не сакаат развој на државата, а и се расправаат со своите сопартијци“, рече тој.
Лефков се осврна и на забелешките на Филипче во однос на транспарентноста на процесот, цената на електричната енергија и користењето на водните ресурси за потребите на дата-центрите. Тој уверува дека, според најавените решенија, нема да има загрозување на водите, додека националниот дата-центар, како што посочи, ќе донесе заштеди и поголема безбедност на податоците.
„Филипче очигледно остана слеп кога станува збор за оваа тема, криејќи се зад тоа дека процесот за развој на оваа индустрија не е транспарентен. Очигледно, Филипче не сака ни да ги слушне фактите. Вели дека се грижи за цената на струјата, за користење на водите од страна на еден дата-центар. Но, сè е јасно и јавно кажано – струјата ќе се набавува на пазар или од обновливи извори, а за ладењето потребно за работа на овие центри има повеќе начини, што значи дека водите не се во опасност. А за националниот дата-центар треба да знае дека државата ќе штеди со спојување на податоците на едно место, а податоците ќе бидат безбедни“, кажа Лефков.
Во завршницата од прес-конференцијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ направи споредба меѓу, како што рече, однесувањето на Филипче и работата на Владата предводена од неговата партија, оценувајќи дека Владата е фокусирана на интересите на граѓаните и државата.
„За разлика од Филипче, кој покажува дека не се грижи ниту за граѓаните, ни за консолидирање на партијата која ја води, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ секој ден покажува дека работи во корист на граѓаните и државата“, изјави Лефков.
