-Господинот Талат Џафери во повеќе наврати го повреди и Уставот и Законите, но и процедурите во самото Собрание, и поради тоа е поднесена таа интерпелација. Ако ги погледнете информациите денеска тој ја врати интерпелацијата поради наводно непочитување на членот 136 од Деловникот, односно дека не се содржани сите елементи. Но, членот 136 од Деловникот е поврзан и со членот 135 со кои се предвидени кои составни делови треба да ги има законот како поднесок во Собранието. А интерпелацијата не е закон и не претставува поднесок од таков вид, така што имаме уште едно неделовничко одбивање и злоупотреба на неговата положба, истакна Лефков.
Лефков во текот на гостување се надоврза и на Резолуцијата и истакна дека овој документ е да се создаде национален консензус за најзначајните прашања кои што постојат во државата и таков вид на резолуции донесуваат и други држави.
-За жал гледате кај нас меѓународните односи се базираат на целосно приватизирање на преговарањето односно на „решавање” билатералниот спор помеѓу Македонија и Бугарија. Наместо да се обединиме сите политички партии без разлика на тоа дали се власт, дали се опозиција, или без разлика на некои други идеолошки определби најзначајните национални прашања треба да бидат формулирани во црвени линии, донесени токму во највисокиот Законодавен дом, во Собранието на Република Македонија. Токму Резолуцијата ќе ги зацврсти нашите позиции, и тоа ќе ни даде силна преговарачка позиција со нашиот сосед, нагласи Лефков.
Лефков се осврна и на законот за изградба на автопатите.
-Со Законот за изградба на автопатите власта си создава потенцијал за тргување со влијание и самоволие, како и пазарење при имплементација на овие големи проекти.
Лефков истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не даде поддршка за овој закон и повика истиот да биде повлечен бидејќи исто како и Законот за Клинички покрај тоа што отвора пат за злоупотреби од страна на власта, законот суспендира други закони.
-Законот за изградба на Клинички центар власта предвидуваше суспендирање на други 4 закони. обично гледаме една пракса кај власта кога имаат одредена намера да постапуваат надвор од законите тие се обидуваат да донесат нов закон со кој ќе го озаконат незаконското постапување. Така беше и со Законот за изградба на Клинички центар, рече Лефков.
Лефков вели дека власта постојано сака да манипулира со законите и дека тоа може да се види и кај Законот за државјанство кој сакат да го донесат со европско знаменце. А, во однос на Законот за попис, тој додаде дека забелешките дадени за Законот за попис остануваат сите до една.