Музејот ќе биде сместен на местото на последниот јавен настап на бендот
Англиската група „Битлси“ ќе добие сопствен музеј во Лондон, кој се очекува да биде отворен во 2027 година. Локацијата на музејот е зграда со големо значење во историјата на бендот, каде што тие го одржаа својот последен јавен настап на 30 јануари 1969 година.
Истата зграда била и нивно седиште во периодот меѓу 1968 и 1972 година, а таму е снимен и последниот албум „Let It Be“.
„Важно е обожавателите на Битлси да имаат официјално место во Лондон поврзано со историјата на бендот“, изјави Пол Макартни за Би-би-си.
Тој додаде дека постоечки локации како „Еби Роуд“ привлекуваат многу туристи, но не нудат пристап внатре, што создава гужви и ограничено искуство.
Реконструкција на студиото и ретки материјали
Проектот е инициран од британската мултимедијална компанија „Епл корпс“, со цел да се создаде музејски простор посветен на членовите на бендот и нивното творештво.
Во музејот ќе бидат изложени досега необјавени материјали, како и тематски поставки поврзани со историјата на „Битлси“. Планирана е и реконструкција на оригиналното студио каде што бендот работел.
Посетителите ќе имаат можност да се доближат и до реконструкција на познатиот „концерт на покривот“ од 1969 година.
„Беше навистина посебно чувство повторно да се вратиме на ‘Савил Роу 3’ и да ја разгледаме зградата. Внатре има толку многу значајни спомени. А да не зборуваме за покривот. Тимот има осмислено навистина импресивни планови и едвај чекам луѓето да ги видат кога ќе бидат реализирани“, изјави Макартни.
Последниот настап на „Битлси“ е прикажан и во документарниот филм на Питер Џексон „Враќањето на Битлси“.
