Откако денеска беше пробиен и последниот законски рок за исплата на личниот доход за јануари на вработените во јавните здравствени установи поради хакерскиот напад како што тврдат од Фондот, во понеделник Синдикатот на Клинички ќе одлучува за следните чекори, бидејќи огромно било незадоволството на лекарите, сестрите, болничарите и другиот медицински персонал.
Денеска добиле ветување од директорката на ФЗО дека за два дена парите ќе им бидат префрлени на сметките.
Добивме информација дека ангажирале фирма рачно да ги внесува податоците за исплата на платите на здравствените работници и за исплата на боледувањата и дека најдоцна до понеделник ќе се решела ситуацијата, изјави д-р Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички.
Системот на Фондот веќе 11 ден не е во функција, освен плата за околу 25.000 здравствените работници во над 100 установи, не се исплаќаат ниту боледувањата, породилното и рефундациите.
За овој период директорите на ФЗО не излегоа во јавност да образложат зошто дошло до оваа ситуација и какви чекори преземаат. Вчера испратија само соопштение во кои тврдат дека станува збор за сајбер напади и дека нема излевање на податоците на осигурениците. Ова предизвика сомнеж во јавноста и отвори низа прашања околу безбедноста на личните податоци на граѓаните.
Коректно ќе беше директорите да излезат јавно и да кажат за што се работи, а не вака преку пријатели да дознаваме до кога ќе трае целата оваа ситуација, рече потпретседателот на Синдикатот на Клинички д-р Серафимовски.
Паралелно не само поради доцнењето на платата, штрајот на вработените во Клинички ќе се активира и поради неисполнетото ветување од пред два ипол месеци за зголемување на месечните примања на медицинските сестри и останатиот помошен кадар за 2000 денари, но министерот и заменикот си заминаа од функциите, а потпис на договореното не ставија.