Заменик-министерот за култура Диам Лучи, кој е единствен функционер од Алтернатива за кого премиерот Димитар Ковачевски не побара разрешување откако партијата реши да излезе од владината коалиција, се огласи на социјалните мрежи и порача дека повеќе нема да биде дел од Алтернатива додека на нејзино чело е Африм Гаши.

Во објавата со наслов „Не плачете како жени, кога не сте способни да заштитите како мажи“, тој наведува низа обвинувања кон партискиот лидер Гаши и министерот за здравство Беким Сали, велејќи дека бил бојкотиран од нив и оти излегувањето на Алтернатива од владината коалиција е само затоа што се разрешува пријателот на Гаши – Беким Сали.

Во објавата, Лучи ги потврди и претпоставките дека е близок со пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој на 11 јуни минатата година ја напушти Алтернатива и оттогаш делува како независен пратеник.

„Со кое право Африм Гаши бара мое разрешување, бидејќи одлуката на Алтернатива за напуштање на Владата е донесена само и само поради разрешување на неговиот пријател Беким Сали од функцијата министер за здравство, а седницата на Централниот одбор во Тетово беше само фарса и лага за гласачкото тело. Во оваа пригода сакам да го истакнам фактот дека сите овие месеци од моето функционирање како заменик-министер бев во служба на граѓаните, но не и на Африм Гаши и неговиот клан. Затоа јавно изјавувам дека додека Африм Гаши, Зеќирија Ибраими и Беким Сали се на чело на партија, јас ќе бидам надвор од сите партиски структури и стојам на иста политичка линија со пратеникот Скендер Реџепи Зејд“, вели Лучи.

„По конгресот на партијата, иако имав политичка функција, бев единствениот функционер кој не беше дел од Централното претседателство, ме отстранија од сите централни партиски форуми и да биде лудилото уште поголемо, на инсистирање на Африм Гаши, а особено на Беким Сали како генерален секретар на партијата, побараа од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска да ми ги одземе сите овластувања што ги има еден заменик-министер со единствена цел – да бидам оштетен и во очите на другите да изгледам како пропаднат кадар за да има алиби за мое разрешување“.