Лекарската комора бара од Комисијата за заразни болести да воведе дополнителни рестриктивни мерки и протоколи поради брзото ширење на ковид-19.
– Свесни сме за фактот дека овие мерки се крајно непопуларни, но во интерес на одржливост на болничките капацитети и зачувување на јавното здравје, како здравствени професионалци, сметаме дека нивното воведување е повеќе од потребно. Само со холистички пристап и земање на сите фактори предвид и со промптна реакција на сите полиња можеме целосно да се избориме со вирусот, велат од Комората.
Според податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), третиот бран на вирусот зема голем замав и веќе на дневно ниво се регистрираат над 1.000заболени.
– Само од први март, кога имало 8.369 регистрирани активни случаи, до денес оваа бројка е веќе искачена на 12.819 болни. Паралелно растат и бројките на пациенти кои поради сериозноста на здравствената состојба и компликациите предизвикани одковид-19 имаат потреба од болничко лекување. Капацитетите на болниците речиси се исполнети, секојдневно бараме дополнителен кревет за згрижување на тешко болните. Голем проблем за одржливоста на здравствениот систем претставува и намалувањето на бројот на активни здравствени работници, бидејќи и меѓу нив расте бројот на заразени и на оние кои се во самоизолација, а дополнително е и тоа што се соочуваме и со премореност, бидејќи епидемијата трае многу долго, реагира Лекарската комора.
Министерот за здравство Венко Филипче и претседателот на Комисијата, д-р Жарко Караџовски вчера рекоа дека засега останува полицискиот час од 22 до 5 часот, и дека очекуваат резулатите од оваа мерка да се видат до понеделник.
Според последните извештаи од болниците во земјава, за 24 часа во Скопје е примен 71 нов пациент поради компликации од ковид-19, а во цела земја лежат 1.193 ковид болни.