Контроли на повеќе локации низ државата

Шест возачи биле исклучени од сообраќај поради тешки прекршоци, од кои петмина управувале возила под дејство на алкохол, а еден возел со екстремно пречекорување на дозволената брзина, соопшти полицијата.

На 23.01.2026 година во 10:46 часот, на автопатот А1 во близина на селото Милетково, полициски службеници од Гевгелија го лишиле од слобода А.К.(52) од Република Бугарија. При контрола со радар било утврдено дека управувал патничко возило „ауди“ со бугарски регистарски ознаки со брзина од 205 километри на час, на делница каде што максимално дозволената брзина е 120 километри на час. За настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а против сторителот е поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.

Приведувања поради возење во алкохолизирана состојба

Во текот на ноќта на 24.01.2026 година, на повеќе локации низ државата биле приведени пет возачи поради управување на возила под дејство на алкохол.

Во 00:48 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.М.(33) од Куманово, кој управувал мопед со кумановски регистарски ознаки. По извршената контрола било констатирано дека има 1,65 промили алкохол во крвта.

Во 01:30 часот на улицата „11 Октомври“ во Велес, бил приведен З.Р.(44) од Свети Николе, кој управувал патничко возило „мазда“ со кумановски регистарски ознаки, при што алкотестирањето покажало 1,72 промили алкохол во крвта.

На магистралниот пат А-3 во Македонска Каменица, во 01:46 часот, полициски службеници го лишиле од слобода Н.В.(23) од селото Дулица, кој управувал патничко возило „опел“ со делчевски регистарски ознаки и кај кого биле утврдени 1,65 промили алкохол во крвта.

Во 03:14 часот на улицата „7 Ноември“ во Гевгелија, приведен бил И.М.(51) од село Миравци, кој управувал патничко возило „шкода“ со гевгелиски регистарски ознаки, а алкотестот покажал 1,52 промили алкохол во крвта.

Во Прилеп, во 01:50 часот на крстосницата меѓу улиците „Леце Котески“ и „Трајко Николоски“, полициски службеници од ОВР Прилеп го лишиле од слобода Х.Р.(38) од Прилеп, кој управувал патничко возило „туран“ со прилепски регистарски ознаки и кај кого биле измерени 1,73 промили алкохол во крвта.

По целосно документирање на настаните, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од Кривичниот законик за „безобѕирно управување со моторно возило“.