Линеарно зголемување на пензиите од 2.000 денари би добиле над 340.000 пензионери

Линеарно зголемување на пензиите од вкупно 2.000 денари сериозно се разгледува од Владата. Тоа е нова мерка што би се применувала наесен и напролет. Премиерот Христијан Мицкоски, во интервјуто за „Само интервју“, најави дека анализа за оваа можност е во тек. Одлуката ќе биде соопштена наскоро.

Според предлогот, сите пензионери би добиле по 1.000 денари дополнително во октомври со исплатата на септемвриската пензијА. И уште 1.000 денари во април, со мартовската пензија.

„Правиме проценка колку би било тоа процентуално зголемување, колкав би бил волуменот на парична маса, да го поделиме со бројот на пензионери. Правиме анализа линеарно да се зголемат пензиите по 1.000 денари сега на есен во октомври кога ќе ја земат пензијата, и во април за март практично, односно 2.000 да има зголемување линеарно за сите пензионери во рамките на следните шест месеци. Сериозно сме во таа анализа и многу скоро, бидејќи тоа мора да се случи пред распишувањето на изборите, дали преку закон со скратена постапка или преку група пратеници ќе го поднесеме тоа.“ – Христијан Мицкоски – претседател на Влада

Според последните податоци од ПИОМ, во земјава има нешто повеќе од 344.000 пензионери. Ако се усвои ова зголемување на пензиите, државната каса ќе биде оптоварена со дополнителни над 134 милиони евра годишно.

Од Сојузот на здруженија на пензионери за Канал 5 велат дека најавата за второ зголемување е сигнал за потреба од реформи.

„Да се надеваме дека работната група формирана од страна на Влада за реформа во пензискиот систем ќе подготви соодветна правна рамка. Која ќе биде во интерес како на постојните така и за идните пензионери. Инаку до Сојузот стигна барање за линеарно зголемување на пензиите. Тоа прашање ќе се разгледа од извршниот одбор“ – Станка Трајкова – претседателка на СЗПМ

Ако оваа мерка се спроведе, тоа ќе биде второ зголемување на пензиите, по минатогодишното кога пензионерите двапати добија по 2.500 денари.

Извор: Канал 5