Мицкоски: Обвинителот и натаму е лојален на коалицијата ДУИ–СДСМ

Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски, и покрај изгласаната недоверба во Собранието, останува на функцијата и продолжува да биде лојален на коалицијата ДУИ–СДСМ. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата, поради изборниот период, не може да преземе правни чекори за негово разрешување.

„Вие се сеќавате дека од опозицијата мене ме обвинуваа дека сум бил во некаква коалиција со него, дека сум диктирал обвиненија, дека сум опструирал обвинителни процеси итн. Во рамките на неколку минути сето тоа се демантираше, дека е практично конструкција и лага. Видовте кои го поддржаа при гласањето – тоа беше поранешната влада, пратениците од ДУИ, кои што ме обвинуваа дека соработувам со него, при неговите етноцентрични одлуки со фокус на ужасната трагедија во Кочани. Ете, видовте каква е вистината, дека тој практично е сè уште лојален на оние што претходно му дале поддршка, а тоа е коалицијата ДУИ–СДСМ“, изјави премиерот.

Ограничувањата во изборен период ја блокираат постапката за разрешување

Мицкоски објасни дека постојат правни ограничувања што ја попречуваат Владата да дејствува. Изборите, според него, ќе бидат распишани веќе кон крајот на следната недела.

„Сега, и да сакаме, не можеме да преземеме нешто бидејќи влегуваме во процес на распишани избори. Најверојатно изборите ќе се распишат кон крајот на следната недела. Така што, сите процеси на избор и именувања поради ограничувањата на законот ќе бидат стопирани. Од ноември ќе продолжиме со оној процес, онаму каде што застанавме. Ако се одважи и даде оставка, повторно влегуваме во еден лавиринт во кој не можеме да бидеме поради ограничувањата кои што ги имаме. Ние можеме да избереме, но ќе биде спротивно на закон. Затоа има таму заменици – тие ќе ја заменуваат работата на јавниот обвинител сè додека не биде избран нов. Истото важи и за другите институции, не само за јавниот обвинител“, додаде премиерот.

Коцевски најави дека нема да поднесе оставка, ќе продолжи со предметите

Во понеделникот, Собранието ја изгласа интерпелацијата против Коцески, но таа нема правно дејство. Тој останува на функцијата сè додека сам не поднесе оставка или Владата не ја заврши процедурата за разрешување по изборите.

Во интервју за весникот „Вечер“, Коцевски најави дека нема да се повлече.

„Туку уште поревносно ќе се посветам на работата, особено за неколкуте големи случаи по кои се постапува како ‘Онкологија’, ‘Пулс’ и ‘Крмзов’, за кои, како што вели, постојат многу цврсти докази.“

Премиерот информираше и за новата постапка поврзана со поништувањето на конкурсот за избор на судија во Европскиот суд за човекови права.

„Тие нека одлучат во следниот конкурс кој е најдобар“, изјави Мицкоски, додавајќи дека новата комисија е составена од лица кои раководат со судските институции.