Како што изјави Џафери на прес-конференција, Решението ќе биде доставено до Државната изборна комисија, Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда. Со оглед на тоа што изборната кампања за локалните избори започнува 20 дена пред денот на одржување на изборите, во текот на кампањата, додаде тој, Собранието нема да одржува пленарни и комисиски седници.
– На овој начин им се овозможува на политичките партии и нивните кандидати целосно да се посветат на изборната кампања и на барањата на граѓаните истовремено избегнувајќи можност кампањата да се пресели во собраниската пленарна сала, рече Џафери.
Од надлежните институции рече дека очекува да обезбедат избори на ниво кое се очекува од земја членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, а од учесници демократски и фер изборен процес.
На новинарско прашање дали се можни измени на Изборниот законик, кој е во собраниска процедура и по него треба да расправа матичната Комисија за политички систем, Џафери рече дека не очекува некој да иницира постапка за менување на правилата за изборите среде распишани избори, како и со оглед дека ДИК ќе треба да ги утврди роковите за спроведување на изборниот процес.
Државната изборна комисија на јавна седница вчера попладне веднаш по добивањето на Решението со кое беа распишани локалните избори ги утврди поважните рокови за изборните дејствија. Согласно одлуката, листите на кандидати за локалните избори се поднесуваат до општинските изборни комисии од страна на овластените предлагачи заклучно со 11 септември до 24 часот.
Изборната кампања започнува на 27 септември по полноќ, што значи се смета и денот 27 и трае заклучно со 15 октовмри до 24 часот, кога настапува изборниот молк на 16 октомври. На 16 октомври гласаат болните, немоќните, а на 17 октомври е денот на изборите.
Жрепката за редоследот на гласачкото ливче на листите на кандидати, ДИК ќе ја спроведе најдоцна до 23 септември и сите листи на кандидати од ист подносител во сите општини, согласно Изборниот законик, ќе имаат ист реден број за да биде поедноставно за гласачите. На 23 септември, ДИК со претставниците на подносителите на листите ќе организира потпишување на Изборниот кодекс за фер и демокартски избори.
Собирањето потписи на граѓани за поднесување на листи на кандидати или независни листи на кандидати ќе започне на 16 август и ќе трае 15 дена заклучно со 30 август, а ќе се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК низ државата и согласно измените на Избониот законик од лани, пред надлежни нотари, кои ќе бидат определени од страна на самите подносители на листи, за што дополнително ќе бидат издадени упатства.
Јавниот увид во Избирачкиот список ќе започне на 21 август и ќе трае заклучно со 9 септември во 24 часот во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК. За изборите ќе се користат најновите податоци од Избирачкиот список, за кои вчера, согласно закон, е испратено барање до МВР за да им ги достави.
Рокот за пријавувањето на болни и немоќни лица за гласање е седум дена пред изборите, додека рокот за пријавување на набљудувачите – домашни и меѓународни НВО, претставници на меѓунарони мисии и амбасади,трае до 6 октомври.
Политичките партии ќе добијат известување од ДИК најдоцна 1 септември за именување свои претставници и заменици во избирачките одбори, по што за пет дена тие треба да ги достават нивните имиња.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вчера соопшти дека од денеска почнува со мониторинг на изборното медиумско известување на радиодифузерите за локалните избори 2021 година. Во периодот до почетокот на изборната кампања, како што посочуваат од Агенцијата, предмет на надзор ќе бидат првиот телевизиски програмски канал на Јавниот сервис – МРТ1 и шесте комерцијални телевизии на државно ниво кои имаат просечен неделен досег над 10 проценти – ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат-М, ТВ Алфа и ТВ 24 Вести. Сите останати програмски сервиси ќе се мониторираат врз основа на претставка.
Предмет на мониторинг ќе биде нивната вкупна програма, со посебен фокус на централните изданија на вестите и посебните информативни емисии во кои учествуваат претставници на власта (државна/локална), на политички партии и други потенцијални учесници во изборите. Ќе се мониторираат и сите други програми во кои има потенцијални учесници во изборите без оглед на причините за нивното појавување.
– Имајќи предвид дека со распишувањето на локалните избори, закажани за 17 октомври 2021 година, стапија во сила одредбите од Изборниот законик, Агенцијата ги потсетува сите радиодифузери на одредбите релевантни за нивното известување и постапување во периодот пред почетокот на изборната кампања, се наведува во соопштението.
Државната изборна комисија (ДИК) вчера претходно го усвои Предлог-упатството за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко рекламирање. Радиодифузерите, печатените и електронските медиуми кои во рок од пет дена од распишување на изборите нема да достават ценовници до ДИК, иако претходно се регистрирани во Комисијата, немаат право на платено политичко рекламирање.
На својата веб-страница ДИК ќе објави писмено известување кое се однесува до сите медиуми, како потсетување и појаснување за нивните права и обврски околу постапката за доставување ценовници и регистрација за учество во платено политичко рекламирање.
Иако кампањата почнува на 27 септември, партиите веќе се активни на терен и најавуваат изборни коалиции и комбинаторики, а дел од партите веќе излегоа и со свои кандидати за претстојните локални избори.