Со усвојувањето на законските измени, се отвори патот за побрза и поевтина изградба на автопатските делници од коридорите 8 и 10Д, најголемиот стратешки и инфраструктурен проект во земјава, истакна заменик претседателката на СДСМ Сања Лукаревска на трибина „Резултати што прават разлика“ со фокус на инфраструктурата, која се одржа во Битола.

Пред членовите на СДСМ, таа нагласи дека во изградбата на коридорите ќе се вклучат и домашни компании.

-Реализацијата на овој стратешки проект, каде е предвидено да се вклучат домашни компании, значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП за 2 насто годишно во наредните пет години. За нас успешни се и претходните години затоа што изградивме и обновивме преку 1.400 километри патишта, направени се над 69 километри автопатски делници, во тек е изградба на 190 километри автопати, на 50 километри експресни патишта и 450 километри локални патишта низ општините. Направивме гасоводи од над 270 километри и изградени се над 860 социјални станови за ранливи семејства. Тоа се резултати што прават разлика, тоа е суштината и на овој слоган, градиме за иднината, истакна Лукаревска и додаде дека со членството во ЕУ, овие резултати на СДСМ, ќе се зголемат двојно или тројно.

Според Митко Трајчулески, претседател на комисијата за транспорт и врски на СДСМ, квалитетната инфраструктура е пресудна за квалитетот на животот на граѓаните и тие мора да добијат најдобри услови за живот, тука, дома, во Македонија.

-Нашата држава е географски сама по себе, крстосница на коридори. Но, дали ќе биде успешна крстосница, дали ќе биде центар на мобилност за своите и странските граѓани, зависи од нас самите, зависи од тоа колку вложуваме во нашата инфраструктура. Мора да потенцирам, рече Трајчулески, тој процес не е и не смее да биде еднократен и краткорочен. Напротив, мора да биде континуиран, фокусиран со концепт и план, со стратегија и со визија, целосно насочен кон создавање на нова додадена вредност за сите.

На трибината „Резултати што прават разлика“ беше соопштено за висината на директните странски инвестиции кои изнесуваат 760 милиони евра обезбедени од вледејачката СДСМ и во кризна година кои се два пати поголеми од 2016 година, односно пред доаѓањето на таа партија на власт.