Ќе се забрани транзит на стоки преку Белорусија кон Кина и Русија, рече тој на денешниот владин состанок. Лукашенко истакна дека ќе пушти маса бегалци од земји како Авганистан, Сирија и Ирак во Европа.

Никого нема да запреме, нагласи тој и додаде: Луѓето се на пат од воените зони кон „топла и пријатна Европа“, а на Германија и требаат работници.

Во исто време, Лукашенко најави дека повеќе нема да дозволи транзит на стоки преку Белорусија кон Русија и Кина.

– Се сеќавате на Шкода, Нивеа и другите? Им рековме: момци, благодарам и збогум!, рече Лукашенко пред своите министри.

Во првиот чекор затворен е белорускиот пазар, во вториот чекор ќе биде забранет протокот на стоки низ земјата, рече белорускиот претседател.

– Истото мора да се направи и со Германците. Нека ги испорачуваат своите стоки до Русија и Кина преку Финска. Или преку Украина – таму има добри патишта и таму нека ја доставуваат својата стока, рече тој.

Потезите на Лукашенко уследија по низата санкции на Европската унија кон Минск во врска со насилното сузбивање на протестите што избувнаа минатата година поради спорните претседателски избори, за кои многумина сметаат дека се наместени.

Санкциите од ЕУ, но и од САД создаваат притисок врз Белорусија која добива финансиска поддршка од Москва. Белорусија долго време беше финансиски зависна од Русија со долгови кои достигнаа милијарди.