Меѓународната организација за миграција (ИОМ) соопшти дека како резултат на актуелниот конфликт во Јемен, најмалку 40.820 лица се раселени годинава, јави агенцијата Анадолија.

Јемен е сцена на конфликти и насилство уште од 2014 година, кога бунтовничкото движење Хуси ја презедоа контролата врз поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.

Конфликтот ескалираше една година подоцна, кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници застанаа на страната на јеменската Влада и почнаа да вршат воздушни напади врз позициите на бунтовниците.

Според Обединетите нации, во оваа земја во која владее една од најлошите хуманитарни кризи во светот, на повеќе од 22 од вкупно 30 милиони жители им е потребна итна помош и заштита.