Министертвото за култура реагира на јавните обвинувања

Министерот за култура, Зоран Љутков, реагираше на јавните изјави на раководството на Синдикатот на културните работници на Македонија (СКРМ), истакнувајќи дека тие намерно пласираат неточни информации со цел да создадат погрешна слика за неговото делување.

„Раководството на СКРМ веќе подолг период свесно и тенденциозно пласира неточни информации во јавноста, со јасна намера да создаде погрешна слика дека јас, како министер за култура, делувам против интересите на културните работници. Ваквиот пристап е неодговорен и претставува обид за манипулација на јавноста и инструментализирање на културниот сектор за политички цели“, истакна Љутков.

Тој нагласи дека во ниту еден момент не ги довел во прашање правата на културните работници и дека континуирано се залага за реален социјален дијалог.

„Напротив, континуирано и активно се залагам за реален, а не декларативен социјален дијалог. Тоа е потврдено преку бројни иницијативи за состаноци и отворена комуникација, кои од страна на СКРМ често се игнорираат или одбиваат“, додаде министерот.

Колективниот договор и институционалниот застој

Љутков истакна дека истечениот колективен договор веќе четири години претставува сериозен институционален проблем, при што одговорноста не е на неговата страна.

„Фактот што колективниот договор е истечен веќе четири години е сериозен институционален проблем. Овој застој не е резултат на недостиг на волја од моја страна, туку на однесувањето на раководството на СКРМ, кое наместо конструктивен дијалог, избра конфронтација и создавање на кризи“, рече министерот.

Тој реагираше и на јавните информации поврзани со судски процеси, нагласувајќи дека тие се дел од демократскиот и институционален процес, а Уставниот суд е единствен надлежен да ја оценува уставноста на правните акти.

„Дополнително, нивното јавно пласирање информации поврзани со судски процеси пред тие да бидат донесени претставува сериозен обид за притисок врз независноста на судството и создава неприфатлив преседан“, додаде Љутков.

Потреба од професионален дијалог

Министерот повика синдикалните организации да се вратат на својата основна функција заштита на правата на работниците и да се воздржат од политички влијанија.

„Синдикалните организации мора да се вратат на својата основна функција заштита на правата на работниците и да се воздржат од политичко делување, притисоци врз институции и мешање во процеси кои не се во нивна надлежност“, нагласи Љутков.

Тој потенцираше дека финансиските прашања се однесуваат на одговорно управување со јавните средства, а не на негирање на права.

„Прашањето за финансиските импликации не е негирање на права, туку прашање на одговорно и одржливо управување со јавните финансии. Секој колективен договор мора да биде реален, спроведлив и во согласност со буџетските можности“, заклучи министерот, додавајќи дека зголемениот буџет за култура е доказ за неговата посветеност на подобрување на условите во секторот.

„Потребно е враќање на професионалниот дијалог и прекин на политичките манипулации. Културата заслужува стабилност, институционална зрелост и партнерство, а не притисоци и лажни наративи“, завршува Љутков во објавата.