Потврдените информации до кои стигна Радио Лидер покажуваат дека семејството на судијката Даниела Алексовска Стојановска има конекции со семејството на Васил Јованов Васо. Имено, мајката на Васил, А. Јованова цели 5 години и два месеци работела во иста компанија со сопругот на судијката Е. Стојановски.
Проверките на нивните јавни профили на професионалните социјални мрежи Linkedin и Xing, покажуваат дека А. Јованова и Е. Стојановски заедно работеле во компанијата ИТС ИСКРАТЕЛ Телекомуникациски системи од јануари 2003 до февруари 2008 година. Информацијата е потврдена и од неколку актуелни и поранешни вработени од компанијата, кои и приватно се дружеле заедно со нив.
Нивните поранешни колеги за Радио Лидер брифираат дека двајцата колеги биле куќни пријатели, но оваа информација не можеме да ја потврдиме. Она што можеме да потврдиме е дека двајцата сигурно работеле заедно и со самото тоа семејствата се познавале од порано. Ова отвора сомнеж дека некој замолил за пријателска услуга, но, за ова прашање истрага веќе би требало да води судскиот совет.
Овие информации отвораат дилема и околу тоа дали судијката Даниела Алексовска Стојковска во случајот против Васил Јованов од 2024 година требало да се изземе од судењето? Со оглед на тоа дека кодексите и правилата диктираат дека доколку судијата и обвинетиот на еден или на друг начин имале блискост, судијата треба да се изземе од предметот и истиот треба да биде доделен на друг судија.
Наместо изземање, ние во тој случај видовме скандалозна одлука. Полнолетно лице, кое делото го сторило кога било полнолетно, без да признае и да почувствува вина да биде осудено на мерка упатување во поправен дом за малолетници. На ваква пресуда, никој од правната фела не се сеќава.
Васо никогаш не отишол ни во домот за малолетници, затоа што обвинителството се жалело а судијката претходно го поништила притворот за него. Ова го оставило слободен, при што затаила и апелација која повеќе од 6 месеци не носи одлука по жалбата па тој е слободен.
Да не бил слободен, како по секоја рационална основа тој не би требало да биде, македонскиот судски систем немаше вака да ја убие Фросина Кулакова.
Идентитетот на сопругот на судијката и на мајката на обвинетиот се познати на Радио Лидер, но, за да не ги загрозиме во состојба на огромно јавно незадоволство, ги објавуваме само со првата буква од нивното име. Сепак, за ова не смее да се молчи. Никој не треба да биде ослободен затоа што е „наше дете“.
Партиска поврзаност на судијката, Филков ја разреши од членство во работна Група
За време на претходната власт на СДСМ и ДУИ, Даниела Алексовска Стојкова била назначена во работна група во Министерството за правда. Група, која требало да донесе реформи во правосудството. Денеска таа беше разрешена од позицијата од новиот министер за правда Игор Филков.
-Денеска донесов одлука да ја разрешам од членство во работна група во Министерството за правда, судијката чие име ја бранува јавноста. Судијката беше дел од работната група која е формирана во декември 2020 година за измена на Кривичниот законик и беше дел од оптимизираната работна група за брзите измени на Кривичниот законик, со кои очекуваме да се отстранат штетните последици предизвикани со измените во 2023 година. – изјави Филков
Според него, оваа одлука ја донел со цел да не се дикретитира процесот кој е започнат за потребните суштински реформи во праводуството. Смета дека е крајно време надлежните институции да покажат дека се подготвени да преземат мерки за лоцирање на виновниците и нивна евентуална одговорност.
-Одговорност мора да се утврди и тука нема компромиси. Граѓаните очекуваат правда, а инстируциите се должни да ја испорачаат брзо, правично и транспарентно.- додаде Филков
Министерот смета дека овој случај е само потврда на податоците за оценка на работата на судовите што беа презентирани пред некој ден.
-Токму брзината на постапувањето и корумпираноста беа детектирани како најголем проблем на судството со најниска оценка. Непостапувањето и спороста иотвара можност утре да имам еисти или случни случаи.
Вчера и завчера од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на прес конференција соопштија дека во куќата на судијката во Ранковце бил сместен партиски штаб на СДСМ и дека истата имала очигледна партиска обоеност затоа што преку случајот Талир 2 вршела притисок врз нивната партија.
Крвавите раце на обвинителството на Гаврил Бубевски
Откако завчера беше прозвано од нас, основното јавно обвинителство Скопје одговори дека тие по само три дена поднеле обвинение во 2024 година и дека за случајот со дрогата кај нив нема одговорност и истата треба да се бара во судот. За ова се целосно во право, но, во исто време одговорност има и кај апелација која пола година не одговара на нивната жалба за пресудата лицето да биде во поправен дом и со тоа овозможува тој да е на слобода.
Сепак од ОЈО ја потврдија нашата информација дека тој без возачка пред точно 2 години предизвикал сообраќајка со повреди, но тие се откажале од кривичен прогон.
-Против истото лице до обвинителството е поднесена само уште една пријава на 01.02.2023 година за кривично дело од член 297 за сообраќајна незгода случена на 04.11.2022 година во која едно лице се здобило со полесни повреди. Јавниот обвинител спровел постапка и со изјавена согласност на оштетената донел Решение со кое не се презема кривично гонење согласно чл.43 од ЗКП, а осомничениот се согласил да постапи по напатствијата на јавниот обвинител и да уплати паричен износ од 18.000 денари во корист на Буџетот на РСМ. Освен ова МВР повело и прекршочна постапка за возење без возачка дозвола. Други кривични пријави за лицето не се поднесени во јавното обвинителство. – стои во соопштението на обвинителството.
Со оглед на тоа што лицето претходно повеќе од 10 пати добивало прекршочна казна за возење без возачка дозвола, коментар на правната фела е дека за ова дело не би смеело да се прекине прогонот и да не се поднесе обвинение кога се знае дека лицето сериски прави кривично дело.
Одговорност за родителите?
Од семејството на загинатата Фросина Кулакова вчера побараа да се гони и еден од родителите на Јованов, кој на неговиот син во серија му давал да користи возило иако тој немал возачка дозвола. Со истото возило, со 130 километри на час на партизанска беше усмртена Кулакова.
Во исто време, директорот на Управата за санкции утрово откри дека лице од семејството на Јованов платило за затвореници од притворското одделение Шутка него да му донесат телефон.
Останува да видиме дали ОЈО Скопје ќе го прошири случајот со овие две дела.