Историски проект за дигиталната иднина на земјата
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска објави дека во Македонија ќе се воспостави првиот Национален центар за вештачка интелигенција под името „ВЕЗИЛКА: Национална ВИ Фабрика и Антена“ (AI Antenna Factory). Проектот се реализира со поддршка на Министерството за дигитална трансформација и со финансиска помош од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC.
„Ова е капитален проект со историско и национално значење. Отвораме нова страница во дигиталниот развој на Македонија, каде Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција“, изјави Андоновски, нагласувајќи дека носител на проектот е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при УКИМ во Скопје, со силна институционална поддршка од Министерството и Владата.
Европско финансирање и регионално позиционирање
Проектот „Везилка“ е избран за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, со вкупна вредност од речиси шест милиони евра, финансиран од ЕУ со кофинансирање од Министерството, Владата и ФИНКИ. Според Андоновски, Македонија со ова се позиционира како активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција – значаен исчекор за домашната научна и технолошка заедница.
Тој потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави отворање на „фабрики за вештачка интелигенција“ и во земјите од Западен Балкан, вклучително Македонија и Србија, како дел од европската стратегија за технолошка автономија и конкурентност.
„Везилка“ како антена на европската ВИ фабрика
Националниот центар „Везилка“ ќе функционира како придружен центар на Европската фабрика за вештачка интелигенција (ФАРОС) со седиште во Грција. Ова партнерство ќе обезбеди директен пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори, кои ќе бидат достапни за јавни институции, стартапи, компании и истражувачи во земјата.