Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од министерката за одбрана, Славјанка Петровска, се сретна со делегација од Државата Катар, предводена од Халид бин Мохамед Ал-Атија, заменик-премиер и државен министер за одбрана.

На состанокот е изразена заедничка определба за унапредување на соработката во областите на одбраната и на економијата.

Пренесена е покана до премиерот Ковачевски, од премиерот во Доха, за официјална посета на Катар.

Оценето е дека Република Северна Македонија покажува лидерство во решавањето отворени прашања и бележи напредок.

Претседателот на Владата, Ковачевски, соопшти дека Република  Македонија ја смета Државата Катар за пријателска земја и соопшти дека постои заинтересираност за претставување на можностите за инвестирање во нашата држава, пред стопанствениците во Катар.

„Вложуваме во стандардот на граѓаните и сериозно сме заинтересирани за нови инвестиции. Имаме закони според европски стандарди и монетарни политики според стандардите на ММФ. Стабилни се денарот и макроекономските параметри. Исто така, придонесуваме во регионалната стабилност како држава членка на НАТО и преку развојот во иницијативата Отворен Балкан. Сето ова отвора можности за развој на меѓусебната соработка“, рече премиерот Ковачевски.

Во однос на одржувањето на мирот во светот, споделен е ставот дека од суштинско значење е доаѓањето до решенија преку дијалог.

Во врска со ситуацијата во Украина, премиерот Ковачевски нагласи дека позицијата на Република  Македонија е во целосна согласност со позициите на нашите стратешки партнери НАТО, САД и ЕУ, со најостра осуда на руската инвазија на Украина.