Фокус и на технолошки парк во Скопје со поддршка од турската бизнис заедница
Македонија и Турција ќе ја зајакнат меѓусебната соработка преку потпишување на протокол во областа на науката, технологијата и иновациите. Документот е во финална фаза на подготовка и за него денеска се разговараше на средба помеѓу министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и турскиот амбасадор Фатих Улусој.
Според најавите, двете страни очекуваат процесот да биде заокружен до крајот на годината. Протоколот ќе овозможи размена на научни и образовни кадри, студенти и ученици, како и унапредување на соработката меѓу научните и образовните институции на двете држави.
На средбата министерката Јаневска го презентираше концептот за основање на првиот технолошки парк во Скопје, додека турската страна ја изрази својата подготвеност за поддршка на проектот преку учество на турската бизнис заедница во земјава.
Во разговорите беше вклучена и темата за унапредување на наставата на турски јазик, која моментално ја следат повеќе од 8.000 ученици. Двете страни се согласија дека е потребно вложување во дополнителни наставни помагала, современа опрема и организирање обуки за наставниот кадар.