Потврда за економска стабилност
Меѓународната кредитна агенција „Стандард и Пурс“ го задржа кредитниот рејтинг на Македонија на нивото ‘BB- со стабилни изгледи’. Потврдата е сигнал за стабилноста на макроекономската политика, умереното ниво на јавниот долг и способноста на државата навремено да ги сервисира своите финансиски обврски. Истовремено, тоа ја потврдува континуираноста во водењето на економските политики дури и во услови на зголемена глобална економска неизвесност.
Економски раст и јавни инвестиции
Во извештајот се наведува дека економскиот раст забрзува, поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во рамки на големите инфраструктурни проекти, како и од растот на приходите на домаќинствата преку зголемување на платите и пензиите. Агенцијата очекува економскиот раст да достигне околу 3,5% во 2026 година, додека на среден рок да се стабилизира околу 3%, со постепено зголемување на улогата на приватните инвестиции и надворешната побарувачка.
Политиките се насочени и кон забрзување на економскиот раст преку реализација на крупни инфраструктурни проекти, зајакнување на институционалните капацитети, подобрување на деловното опкружување, поефикасна наплата на јавните приходи и намалување на сивата економија.
Фискална консолидација и институционални реформи
Извештајот посочува дека домашната побарувачка се поддржува преку раст на платите и пензиите, додека фискалната консолидација продолжува. Буџетот за 2026 година предвидува умерено намалување на дефицитот на 3,5% од БДП, при задржување на високо ниво на капитални инвестиции. Приходите се очекува да растат побрзо од расходите, додека расходите остануваат насочени кон капитални инвестиции во инфраструктурата, плати, пензии и социјални трансфери.
„Стандард и Пурс“ нагласува дека надолните ризици од надворешното опкружување, особено економските движења во Европската унија, се избалансирани со отпорноста на домашната економија, стабилноста на финансискиот систем и претпазливиот пристап на монетарната политика.
Дополнително, понатамошниот напредок во институционалните и структурните реформи, особено во владеењето на правото и борбата против корупцијата, може да ја зајакне економската и фискалната позиција и да го подобри кредитниот профил на земјата.
Кредитниот рејтинг се оценува двапати годишно од „Стандард и Пурс“ и од „Фич“ и претставува клучен индикатор за инвеститорите, покажувајќи го степенот на ризик од вложување во земјата.
