Изразувајќи го задоволството што по 12 години од одржување на Втората седница, на оваа меѓувладина комисија министерот Бектеши рече традиционалното пријателство меѓу двете земји претставува предуслов и стабилна основа за соработката да продолжи со позитивен тренд во периодот што претстои во сите области од заеднички интерес, а посебно на економски план.
– Во последните две години односно пред пандемијата, успеавме за граѓаните на двете земји да им овозможиме безвизен режим за краткорочен престој од 90 дена, директен авио лет Киев-Скопје и обратно, како и збратимување на седум општини од Северна Македонија и Украина. Со ова се интензивира севкупната соработка, преку олеснување на деловните врски и контакти меѓу двете земји, како и развој на туризмот. Двете земји имаат исти приоритети, а тоа се евро-атлантските структури, при што од секаков вид на взаемна поддршка на патот кон придружување во евроатланските организации е добредојдена. Тоа се потврдува и со Планот за политички консултации што двете Министерства за надворешни работи го потпишаа пред пандемијата. Оваа година, двете земји во рамки на билатералните односи, успеаа да договорат нова либерализација согласно Договорот за слободна трговија. Се надевам во најскоро време ќе се потпише таа либерализација, бидејќи е значаен поттик за компаниите да можат да извезуваат голем број на производи кои се домашно производство, без царина или со намалена царина, истакна Бектеши.
Министерот информираше дека Македонија веќе почна промотивна кампања за извозниот потенцијал на македонски производи и дека Украина е голем пазар за македонското вино и земјоделски производи и во таа насока предложи за можност за промоција, учество на саеми и бизнис форуми.