Реформите, јакнењето на институциите и можностите за забрзување на европската интеграција беа во фокусот на денешната работна средба на вицепремиерот Александар Николоски со членови на Европскиот парламент. На разговорите беше нагласено дека европската перспектива останува стратешки приоритет на Македонија. Средбата се одржа во рамките на 25. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – Европска Унија.
Николоски ги запозна европратениците со конкретните активности што ги презема Владата за унапредување на реформскиот процес. Притоа се осврна на мерките за зајакнување на институциите и за создавање услови земјата побрзо да напредува кон полноправно членство во Унијата.
Во разговорите беа разгледани актуелните состојби и досегашниот напредок во исполнувањето на обврските поврзани со пристапувањето. Беше истакната и потребата реформите да продолжат во клучните области од овој процес, како и значењето на чекорите што претстојат на патот кон членството.
Посебно внимание беше посветено на одржувањето континуиран дијалог со институциите на Европската Унија, како значаен партнер на Македонија во европската интеграција. На средбата беше посочено дека отворената комуникација со европските институции има особено значење за понатамошниот напредок на државата.
Работната средба овозможи размена на ставови за актуелните прашања и предизвици, како и за идните активности во процесот на приближување на Македонија кон Европската Унија.
