Речиси секој десетти студент во Македонија е од странство, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2024 година. Од вкупно 58 334 студенти во земјава, 5 807 се странски државјани, што претставува околу 10 проценти од студентската популација.

Според податоците, уделот на странски студенти во Македонија е над просекот на Европската Унија, каде во 2024 година студентите од странство сочинувале 8,7 проценти од вкупниот број студенти.

На ниво на ЕУ, лани на високообразовните институции студирале 1,65 милиони странски студенти. Од нив, околу 514.590 доаѓале од други земји членки на Унијата, а 1,14 милиони биле од земји надвор од ЕУ.

Бројот на студенти од странство на универзитетите во ЕУ расте секоја година уште од 2016 година (1,2 милиони), кога започнало прибирањето на овие податоци, при што во 2023 година надминал 1,5 милиони. Во периодот помеѓу 2023 и 2024 година, забележан е дополнителен пораст од 4,0 %, покажуваат податоците на Евростат.

Германија останува најатрактивна дестинација за странските студенти со 438.260 запишани, пред Франција со 284.865 и Холандија со 176.470. Овие три земји заедно привлекуваат повеќе од половина или 54,5% од сите странски студенти во ЕУ.

Според уделот на странски студенти, води Луксембург, каде тие сочинуваат 51,5 проценти од вкупниот број студенти. Следуваат Малта со 35,6 проценти, Кипар со 21,6 и Австрија со 20,8 проценти. Најнизок удел бележат Грција со 2,6 проценти, Хрватска со 3,5 и Шпанија со 4,6 проценти.

Европската Унија ја смета студентската мобилност за еден од клучните приоритети во образовната политика. Во рамки на Европскиот образовен простор, целта е до 2030 година најмалку 23 проценти од дипломираните студенти да стекнат искуство со студирање или учење во странство, а секоја година во ЕУ да се запишуваат најмалку 350.000 студенти од земји надвор од Унијата.