-На 30 декември имавме комуникација, кога ни потврдија дека ги исполнуваме условите за да потпишеме договор и оттогаш траат тие разговори. Имаат специфични барања за усогласување на условите за да се внесе вакцината тука, сега имаат и дополнителни барања. Ние го потпишавме договор и го вративме. Сега има некое дополнително барање од пред три дена, за одговорноста при евентуални несакани ефекти, има некои специфични барања и чекаме повратна информација, рече Филипче.

Министерот Филипче и Владата уште во јануари се пофалија и тврдеа дека Македонија има обезбедно 800.000 вакцини преку директни преговори со „Фајзер“, и покрај тоа што до сега немаат потпишано никаков официјален договор за набавка на овие вакцини.

Претседателот Пендаровски пак, беше првиот што сигнализираше дека вакцините од Фајзер нема да стигнат лесно и брзо.

-Разговорот брзо заврши, бидејќи рекоа во овој момент имаме неверојатна навалица на држави, огромни со стотици, со милијарди луѓе потенцијални купувачи и консументи. Така што во овој момент вели деловната политика на фирмата, во тој момент, пред нова година, на тоа ниво што разговаравме, а беше прилично високо менаџерско ниво, не е да разговараат со држави под два милиони жители, – изјави претседателот Пендаровски пред седум дена.

Македонија сега спас бара од КОВАКС-механизмот, односно во вакцините на АстраЗенека и кинеските на Синофарм – кои се најавени да пристигнат најверојатно кон крајот на месецот или поверојатно на почетокот на април. Македонија има нарачано и од руските вакцини, но и за нив датум кога ќе пристигнат – нема.

Македонските власти досега имаат обезбедено само околу 11.000 вакцини, од кои 8.000 ги добија како донација од Србија, а државата успеа да набави само 3.000 вакцини од Русија.