Телефонски разговор меѓу Сиљановска-Давкова и Радев
Македонија е подготвена да даде поддршка во справувањето со последиците од поплавите во Бугарија. Веста ја соопшти бугарскиот претседател Румен Радев, по телефонскиот разговор со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
„Ѝ се заблагодарувам на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за конструктивниот разговор и изразеното сочувство за жртвите од поплавите во Бугарија, како и за понудената подготвеност на Македонија да помогне во надминување на последиците од катастрофата,“ изјави Радев.
Тешка состојба во повеќе региони
Разговорот се одржа во момент кога Бугарија се соочува со интензивни врнежи и сериозни поплави што зафатија повеќе региони во земјата. Дел од населението е без електрична енергија, а пристапот до најпогодените подрачја останува ограничен. Поплавите во Бугарија одзедоа најмалку четири човечки животи.
Акции за спасување и расчистување
Според најновите информации од бугарските медиуми, во поплавите животот го загубиле четири лица. Во погодените области сè уште траат спасувачките и расчистувачките акции во кои учествуваат волонтери, припадници на армијата и службите за итни интервенции, со цел што побрзо да се обнови нормалното функционирање и да се обезбеди безбедност за жителите.
Извор: Скопје1