Македонија со најевтини горива во соседството

Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која значително се намалуваат малопродажните цени на нафтените деривати. Со ова поевтинување, Македонија останува меѓу земјите со најниски цени на горивата во регионот, а дизелот е убедливо поевтин во споредба со соседните држави. Од полноќ, дизелот ќе се продава по цена пониска за 7 денари за литар, додека бензините ќе поевтинат од 3,5 до 4 денари за литар.

Нови цени од полноќ

Според одлуката на РКЕ, ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе чини 84 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава за 86 денари за литар, додека ЕУРОДИЗЕЛ БС ќе изнесува 80,50 денари за литар. Намалување има и кај екстра лесното масло за домаќинство, кое ќе чини 79,50 денари за литар, како и кај мазутот М-1 НС, чија цена ќе биде 42,291 денари за килограм. Од РКЕ посочуваат дека со најновата одлука малопродажните цени се намалуваат во просек за 6,61 проценти во однос на претходната пресметка од 15 јуни.

Најголема разлика со Србија и Грција

Споредбите покажуваат дека македонските возачи плаќаат значително помалку во однос на соседните земји. Најголемата разлика кај дизелот е во споредба со Србија, каде за резервоар од 50 литри заштедата достигнува околу 2.700 денари. Кај бензинот, најголема е разликата со Грција, каде за исто полнење возач во Македонија би платил речиси 1.950 денари помалку. Горивата во Македонија се поевтини и во споредба со Косово, Бугарија и Албанија, со што земјава останува меѓу најповолните пазари за гориво во регионот.