Буџетот се усогласува со економските движења
Владата, на предлог на Министерството за финансии, ги усвои измените и дополнувањата на Буџетот за 2026 година, со кои се врши усогласување на буџетските проекции со актуелните економски состојби. Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека ребалансот е подготвен во услови на зголемена глобална економска и геополитичка неизвесност, предизвикана од растот на цените на енергенсите, случувањата на меѓународните пазари и конфликтите во одделни региони. Таа нагласи дека, и покрај овие предизвици, македонската економија покажува отпорност и задржува позитивни трендови.
Повеќе средства за приоритетни области
Според министерката, со ребалансот вкупните приходи се ревидираат на 379,2 милијарди денари, додека даночните приходи остануваат речиси на првично планираното ниво и се проектирани на 213,2 милијарди денари. Вкупните расходи се ревидираат на 425,2 милијарди денари, а дополнителните средства се насочуваат кон земјоделски субвенции, поддршка на железничкиот сообраќај, спортот, студентскиот и ученичкиот стандард, како и кон најранливите категории граѓани преку социјални надоместоци, народни кујни и мерки за деинституционализација.
Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари
Димитриеска-Кочоска посочи дека буџетскиот дефицит се ревидира на 46,1 милијарди денари, односно 4,1 проценти од БДП, нагласувајќи дека зголемувањето е резултат пред сè на повисоките капитални расходи и инвестициите во инфраструктурата. Капиталните расходи достигнуваат околу 46 милијарди денари и се зголемуваат за околу 5,8 милијарди денари, односно за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Дополнителните средства ќе бидат насочени кон капитални проекти од стратешко значење, меѓу кои Коридорот 8, Коридорот 10-д, автопатот Скопје – Блаце, железничкиот Коридор VIII, водоводни и канализациски системи, пречистителни станици, системи за управување со отпад, енергетска ефикасност, училишта, градинки, студентски домови, рурален развој и модернизација на земјоделството. Министерката додаде дека значително се зголемуваат и средствата за капитални проекти во општините, преку инвестиции во локална патна и комунална инфраструктура, образовни и спортски објекти.
