Македонија треба да биде членка на ЕУ уште вчера, вели Стефановски

Македонија треба да биде членка на ЕУ уште вчера, доколку Украина се проектира за полноправно членство до 2027 без критериуми, оценува безбедносниот аналитичар Милан Стефановски. Тој во изјава за весникот ВЕЧЕР нагласува дека земјава ги има исполнето критериумите од Копенхаген и не треба да биде оставена настрана.

Според него, пораките од Минхенската безбедносна конференција укажуваат на нова реалност. Европа, како што посочува, е приморана да го бара своето место на глобалната геополитичка сцена. Причината, додава, е тоа што досегашниот релативно удобен американски безбедносен штит повеќе не е толку стабилен.

Геополитиката пред критериумите и позицијата на Западниот Балкан

Тој оценува дека односите меѓу Европа и САД влегуваат во нова фаза. Истовремено, смета дека Македонија засега успешно се позиционира меѓу двата стратешки партнери.

– Европа и САД заедно, но под услови кои ќе ги диктираат САД. Македонија засега многу добро успева балансирано да се позиционира во овие тектонски поместувања помеѓу САД и ЕУ. И, двата наши стратешки партнери ни се потребни во нашата иднина. Она што САД го бара од ЕУ е и принципиелноста за да се врати на глобалната цена со јасни правила. Оттаму, ако Украина е проектирана како земја кандидат за полноправно членство до 2027 без никакви критериуми, тогаш Македонија, со исполнети критериуми од Копенхаген, треба да биде членка на ЕУ уште вчера. Ако геополитиката го има последниот збор пред критериумите, Западниот Балкан не е ништо помалку ризичен од некоја идна Украина заради малигното влијание на Русија и Кина на овие простори, во кои сè уште лебдат нерешени територијални прашања, вели Стефановски во изјава за весникот ВЕЧЕР.

Дополнително, тој посочува дека доколку геополитиката има предност пред формалните критериуми, тогаш регионот на Западниот Балкан не смее да биде занемарен. Според него, ризиците во регионот не се помали од оние во други делови на Европа.