Македонија е умерено подготвена во повеќето области од земјоделството и руралниот развој. Добро ниво на подготовка има во делот на безбедноста на храната, ветеринарната и фитосанитарната политика, додека во рибарството, регионалната политика, координацијата на структурните инструменти и финансиските и буџетските одредби нема или бележи ограничен напредок, оценува Европската комисија во најновиот Извештај за напредокот на земјата што беше објавен вчера.

Според Комисијата, одреден напредок е постигнат и во сегментот на усогласување со правилата на ЕУ за заедничка организација на пазарот.

Во однос на руралниот развој, добар напредок е евидентиран во апсорпцијата на ЕУ фондовите (ИПАРД 2). До крајот на 2020 година исплатите надминаа четири милиони евра. Напредуваат и подготовките на ИПАРД 3 програмата. Од суштинско значење е кадровската екипираност на Платежната агенција на која треба да се поработи, а и националната политика за рурален развој треба да се усогласи со правото на ЕУ.

-Наредната година Македонија треба особено да поработи на раздвојување на директните плаќања, како и на пренесување на фарм-регистарот и системот за идентификација на парцелите на Платежната агенција. Треба да се усвои и законска рамка за натамошно усогласување со правото на ЕУ во областа на заедничката организација на пазарот, како и да се вработи квалификуван кадар во ИПАРД-структурата, согласно обемот на работа, порачува Комисијата.

Во делот на безбедноста на храната и ветеринарната политика каде е евидентирана добра подготовка, се сугерира да се зајакнат капацитетите за собирање податоци, верификација и анализа на Агенцијата за храна и ветеринарство, да се подобри функционирањето и сигурноста на системот за идентификација и регистрација на животните, како и да се спроведат акции за постигнување одржлива употреба на пестициди.

Постигнат е добар напредок, смета Комисијата, особено во подобрување на здравствената контрола на растенијата, како и во контролните мерки за болести кај животните, но, нема подобрување во функционирањето и сигурноста на системот за идентификација и регистрација на животните, ниту на капацитетот за натамошно усогласување и спроведување на европската легислатива за зоолошко-технички прашања. .

-Согласно Кодексот за здравје на животните на Светската организација за здравје на животните (ОИЕ), Северна Македонија е земја без болеста чума кај овци и кози. АХВ спроведува активна програма за надзор на класична и африканска свинска чума, како и на болеста чвореста кожа, а го продолжи и спроведувањето на акцискиот план за благосостојба на животните. Националната програма за мониторинг од 2021 година за контрола на остатоци од ветеринарно-медицински производи и загадувачи кај живи животни и прехранбени производи од животинско потекло е во согласност со правото на ЕУ за говеда, овци, свињи, живина, аквакултура, млеко, јајца, диви дивеч и мед, се наведува во Извештајот.

Според Европската комисија, постигнат е добар напредок во пласманот на храна, добиточна храна и нус-производи од животинско потекло со усвојување на законодавството за имплементација согласно правилата на ЕУ. Сепак, допрва треба да се донесе ревидираниот закон за нус-производи од животинско потекло.

Во делот на рибарството и аквакултурата каде е нотирана умерена подготвеност, земјава треба да го усогласи Законот за рибарство и акхакултура со правото на ЕУ во областа на пазарната политика, структурните мерки и државната помош, да го подобри системот за собирање податоци и известување, како и да воспостави повеќегодишно програмирање на структурните мерки.

Административните капацитети за управување со ресурсите, инспекциите и контролата на рибарската политика не се недоволни. Треба да се подобрат капацитетите за контрола на илегален, непријавен и нерегулиран риболов согласно барањата на ЕУ. Македонија треба да ги зајакне и капацитетите за формулирање и спроведување на политиката во оваа област, оценува Комисјата.