Фудбалската репрезентација на Македонија го запиша и третиот пораз во групата Б1 од Лигата на нации, откако на домашен терен во Скопје загуби од селекцијата на Шкотска со резултат 2:0.
Гостите ја наметнаа својата иницијатива уште од самиот почеток на натпреварот и поведоа веќе во 7. минута преку Киеран Боуви, за кого ова беше дебитантен погодок во шкотскиот репрезентативен дрес. Незадоволен од случувањата на теренот, селекторот Гоце Седлоски реагираше со двојна замена уште во 31. минута, испраќајќи ги во игра Ѓорѓе Џеков и Јани Атанасов на местото на Себастијан Херера и Лука Станковски.
Во второто полувреме, францускиот главен судија Франсоа Летексие најпрво покажа на белата точка за гостите, но по прегледување на ВАР снимката го поништи пеналот бидејќи утврди претходен прекршок врз Матеј Гаштаров. Седлоски во 62. минута направи нови две измени, воведувајќи ги Агон Елези и Љупче Дориев на местото на капитенот Енис Барди и Бојан Илиевски.
Само неколку минути подоцна, по мешаница во шеснаесетникот, Бојан Миовски играше со рака по контакт врз Висар Муслиу. По повторна ВАР интервенција, судијата Летексие досуди пенал за Шкотска, кој Џон МекГин прецизно го реализираше за предност од 2:0. Во 79. минута Христијан Малески влезе во игра на местото на Гаштаров. Во самиот финиш од натпреварот Шкотска остана со играч помалку поради директен црвен картон на Скот МекКена по остар старт врз Елези, но домашниот тим немаше сили за пресврт.
За македонската фудбалска селекција ова е седми последователен меч без постигнат погодок и вкупно 11-ти натпревар без остварена победа. Шкотските фудбалери упатија вкупно 22 удари кон македонскиот гол, од кои осум беа директно во рамките, каде што голманот Столе Димитриевски спречи уште поубедлив пораз.
На вториот натпревар од истата група Швајцарија ја совлада Словенија со 2:1 и останува лидер на табелата со максимални 9 бодови. Шкотска и Словенија имаат по 4 освоени бодови, додека Македонија останува на дното без ниеден бод. Следниот предизвик за македонските репрезентативци е закажан за 6 октомври на гостински терен против селекцијата на Швајцарија.
