Македонија го забележа и вториот пораз на ЕП 2020, откако денеска селекцијата на Украина победи со 2-1. Двата погодока на Украина беа постигнати во првиот дел, кога нашата селекција комплетно потфрли. Со изменет состав нашите фудбалери имаа подобар настап во вториот дел, но не и доволно за добар резултат.

До 33. минута Македонија прими два гола. Можеше многу брзо да се врати во мечот но во 38 минута на Пандев му беше поништен гол поради офсајд.

Второто полувреме Македонија го отвори со одлична шанса на Адеми но неговиот удар голманот на Украина го одбрани. Украинците првата шанса во вториот дел ја имаа во 51. минута кога директно од слободен удар биеше Малиновски, а топката под самата пречка ја извади Димитриевски.

Пенал за Македонија во 55. минута. Пандев беше соборен, а реализатор на најстрогата казна беше Алиоски кој откако промаши ја зафати одбиената топка и ја смести во мрежата. Трајковски храбро и дрско од преку 20 метри реши да си го проба шутот, топката незгодно отскокна пред украинскиот голман кој со крајни напори одбрани.

Украинците по сугестија на ВАР во 83 минута добија пенал поради игра со рака на Адеми. Но ударот на Малиновски го одбрани Димитриевски.

Во понеделник нѐ очекува пресметка со Холанѓаните. Претходно, Македонија изгуби од Австрија.