Претседателот на Владата и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва најави дека по завршувањето на локалните избори неговата партија ќе предложи сопствена „македонска резолуција“ во Собранието, со цел заштита на националните интереси.

Мицкоски рече дека предложениот документ од СДСМ содржи неточности и лаги, особено во преамбулата, поради што, според него, не може да се смета за автентичен акт кој ги штити македонските државни и национални интереси.

„И ние како ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна државотворна партија ќе направиме една вистинска резолуција. Еве како подлога ќе ја искористиме оваа резолуција и преку собраниските комисии после завршувањето на локалните избори ќе формираме т.н. македонска резолуција која што ќе има за цел да ги штити македонските национални интереси. Нешто што, за жал, за СДСМ видовме дека во минатото не постои, а мене ми е жал што и овој претседател на СДСМ како и неговите двајца претходници продолжува по таа патека“, рече Мицкоски.

Тој објасни дека имал кратко време да го прочита документот на СДСМ, но и тоа било доволно за да забележи сериозни пропусти и, како што истакна, „типични лаги и фалсификати“.

„Да речеме се обидува да се негира еден историски факт и да се каже дека македонскиот јазик бил официјален јазик во ОН во 2019 година. Тоа е една монструозна лага, посебно во годината кога славиме 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик и неговото примање во ОН како официјален јазик на тогашната југословенска федерација заедно со српскохрватскиот и словенечкиот јазик. Бидејќи денеска целта ни е културата, јас би сакал овој монтруозен фалсификат кој што е дел од оваа резолуција категорички македонската јавност да го отфрли и да го осуди“, истакна Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи и други „фалсификати“ во резолуцијата, меѓу кои и годините кога земјата добила позитивни сигнали за почеток на преговори со ЕУ.

„Исто така и во 2009 година прв позитивен извештај за отпочнување на преговори доби Република Македонија согласно Уставот. Самата конструкција е лажна, но тоа е типично за СДСМ и последно што сега би го искоментирал а за деталите ќе се вратиме после изборите е конфузијата која што е во самата резолуција. Зборуваме за копенхагеншки критериуми а потоа ги цитираме двата билатерални договори со Грција и со Бугарија. Едно со друго не се комплементарни, така што има многу што да се даде како инпут“, додаде тој.