Премиерот најави шокантни информации за злоупотреби и следења од безбедносните служби
На денешната собраниска седница за пратенички прашања, премиерот Христијан Мицкоски изјави дека македонската јавност наскоро ќе дознае за злоупотребите во безбедносните служби, за кои тврди дека ќе предизвикаат срам кај одговорните.
„Се сеќавате на проектот ‘Вистината за Македонија’? Наскоро ќе ја видите вистината за невистините на тие што ги спроведувале прислушкувањата, и ќе се срамите. Ќе излезете и ќе се извините затоа што, дури и во услови на фашистички режими, не се следеле и прислушкувале луѓе кои водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не биле свесни за тоа што се правело, но има и такви кои ги злоупотребувале службите за свои лични агенди. Она што се случувало ќе ве згрози – какви мерки се преземале, како физичкото следење и користење на недозволени методи. Затоа се плашите,“ изјави премиерот Мицкоски, одговарајќи на прашањето на пратеникот Митко Трајчулевски.
Критика за „удбашки структури“ во безбедносниот апарат
Мицкоски истакна дека остатоците од „удбашки и болшевистички структури“ се сè уште присутни во безбедносните служби и ги оцени како главен фактор за отпорот кон спојувањето на Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање.
„Тие се плашат од промените што ќе ги донесеме,“ изјави тој.
Кадровски именувања и партиска пристрасност
Во однос на кадровските решенија, премиерот го истакна примерот со претседателката на второстепената комисија за управна постапка, која истовремено била претседателка на општинската организација на СДСМ во Велес.
„Дали требаше да ја оставиме Даница Чадиева? Тоа ли е вашата визија за професионална администрација? Таков начин на работа ние нема да поддржуваме. Во Агенцијата за електронски комуникации, член беше претседателот на општинската организација на СДСМ во Карпош. Дали мислевте дека требаше да го оставиме на таа позиција, иако немаше никакви квалификации и стручност? Ако сметате дека тоа е професионален однос, не се согласувам со вас, и грешите.
Сите овие институции, за кои зборуваме, резултираа со намалување на приближно 50 функционерски места. Тие институции, што ги споменувате, главно ги бира Собранието. Да ве потсетам, во 2018 година членовите во Регулаторната комисија за енергетика беа избрани на најбрутален начин, со закани, прво во канцеларијата каде што работам, а потоа и во Собранието.
Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски, беше предлог на СДСМ. Исто така, јавниот обвинител, Коцевски, исто така беше ваш избор,“ изјави премиерот Мицкоски.
Судството и обвинителството под влијание на партиски кадри
Мицкоски обвини дека назначените партиски кадри во судството и обвинителството ја попречуваат борбата против корупцијата и криминалот.
„Обвинителите денеска, кога треба да се справиме со криминалот, имаат анксиозност, повишена температура или несоница. Тоа се вашите кадри. Ако тоа според вас е професионализација, јас не се согласувам,“ рече премиерот.
Поддршка за стручност и реформи
Премиерот ја нагласи важноста на професионализмот во институциите, посочувајќи дека неговата влада прави значајни промени за транспарентност и отчетност.
„Граѓаните треба да видат дека може да се работи поинаку. Затоа поддржавме кандидат како Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар во НАТО. Земете пример од тоа,“ истакна тој.
Мицкоски ги повика пратениците од опозицијата да поддржат именувања на квалификувани и стручни кадри, како универзитетски професори и дипломирани експерти.