– Македонската јавност треба да знае дека платите во МНР, една од најрепрезентативните служби во државата, се десет проценти пониски од државниот просек. Со сите додатоци и варијабили таа изнесува 26.800 денари. Како да се очекува натпросечна, па дури и просечна дипломатија, со потпросечни плати и потценување на една од најрепрезентативните професии во земјата задолжена за спроведување на надворешната политика. За неверување е податокот дека административните работници во МНР со средно образование со неколку десетици години стаж остваруваат плата од 15.000 денари и се изедначени во примањата со помошно-техничките работници (главно хигиеничарки). Овие административни службеници претставуваат фундамент кој што треба на дипломатијата да и овозможи непречено функционирање, без оглед дали станува збор за секретарска служба, курирска служба, факс служба, архива, дистрибуција на материјали и сл., стои во соопштението на Македонскиот димпломатски синдикат.
Тие посочуваат дека тешко дека со просечна плата која што е позиционирана многу блиску до платите на текстилните работнички (исто така сериозно потценети), а премногу далеку од на пр. вработените во ИТ индустријата можеме да зборуваме за долгорочен и стратешки однос кон сопствената дипломатија.
– Имајќи ја предвид оваа тешка состојба, МДС се приклучува во барањата за исплаќање минимална плата во висина од 18.000 денари и наедно, линеарно покачување на сите останати плати во целиот нивен распон, за да не се доведеме во ситуација половина од МНР да биде изедначено во минималната плата, додаваат од МДС.