Мајчиниот јазик е јазикот на кој мајките, уште пред да проговориме, ни го покажуваат светот. И ни кажуваат дека сме им сè на светот. Тоа е јазикот на кој таа емоција и ние им ја пренесуваме на нашите деца. Мојот мајчин јазик е македонскиот. На него се радуваме, на него плачеме и тагуваме. Тој е дел од нас. И кога тој е повреден, таа повреда и нас нè боли. И како потоа да не ти биде жал за него? Раскинат на три дела. Непризнат во два, понижен во три. Тој јазик што некогаш ги обединуваше сите негови говорители во еден двор, една дома, вели проф. д-р Елка Јачева-Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Во продолжение ставот на професорката
Во 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичката и културната разновидност и повеќејазичност.
Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.
– Денес, за оние на југот македонскиот јазик не постои, оти таму некој се договорил дека нема луѓе што зборуваат македонски. На исток, некој во моментов се договара дека нема Македонци што зборуваат македонски долу под Пирин. Дома некој безимен повторно се договори дека ќе му ја одземе сврзувачката моќ што ја имаше до неодамна: единствено средство за комуникација за сите што живеат во Македонија, независно колку ги има и што се по род. Без дури и помисла за скратување на јазичните права на немакедонците што се родиле и живеат тука. Мојот мајчин јазик ги живее најдраматичните и најкритичните моменти од своето постоење на долгата историска оска. И не е таа загроза само инострана, инојазична. На мојот мајчин јазик дома му е куса љубовта од младите Македонци. На мојот мајчин јазик му е кусо знаењето на учителите на младите Македонци. На мојот мајчин јазик му станува кус бројот на неговите говорители. На мојот мајчин јазик му е куса грижата за него од државата. На мојот мајчин јазик му е куса негата во јавниот простор. Многу нешта дома му се кусо на мојот мајчин јазик. Само едни нешта ич не му се куси: неговата уникатност на која се испишани страници и страници литература, неговата глаголивост на која се раскажни усно илјадници приказни, неговата милозвучност на која се испеани најубавите народни песни на Балканот… па затоа и ќе живее долго… толку долго колку што ќе живее и последниот човек што зборува МАКЕДОНСКИ…- вели Јачева-Улчар.