Македонските градежници не му веруваат на Бочварски дека 51% од работите на Коридорите 8 и 10Д ќе ги вршат домашни компании. Велат така се ветуваше и порано, па грешките ги плаќаа граѓаните. И работодавачите и синдикатите тврдат дека знаат да проектираат и градат и не е фер странци да земат поголем дел од колачот. Бараат итен прием во Владата и најавија дека ако нема договор, освен работниците, на Илинденска ќе ја донесат и механизацијата.

Пред 2 дена во Владата се склучи безобразен договор каде што милијарда и 300 милиони на неправен проект и експропријација се даваат на странска компанија Бехтел и Енка, компанија која пред една година падна на Уставен суд поради тоа што сакаше вработените да работат 60 часа неделно. Секогаш кога гради странски ивеститор не води нималку сметка за тоа колку квалитетно ќе гради бидејќи на крајот се ќе си собере и ќе си замине, а не сноси никаква одговорност. Повторно теретот ќе падне на домашните компании и домашните работници“ – Иван Пешевски, ССМ

Премиерот убедува дека во активностите ќе бидат вклучени голем број македонски работници, а ако има недостиг ќе се ангажираат и странци. Според него, тоа што антикорупциска ќе ги чешла фирмите за надзор на изградбата, не значи дека треба да се одложи работата.

Ќе ангажира огромен број македонски фирми, огромен број наши вработени и дополнително странски експерти кои ќе работат на негово побрзо и поквалитетно завршување. Со оглед на тоа што е избран меѓународен реномиран изведувач тоа значи дека ќе има работници за тоа што се јавува како недостаток коишто ќе бидат од странство. И тоа е дел од работата на голем број меѓународни компании“ – Димитар Ковачевски, премиер

Откако вчера опозицијата тврдеше дека новото сопствеништво на Ептиса е кинеско, денеска вели дека државниот секретар на САД веќе предупредил за подмитување од кинески фирми.

Груби и Ковачевски со изборот ма ЕПТИСА одаг во целост против ставот на Американската администрација, искажан од државниот секретар Мајк Помпео при неговата посета во Охрид, кој гласи: Сакам да ве предупредам за учеството на Кина во чувствителни технологии и нивната стратегија за подмитување при обезбедување на зделки. Груби и Ковачевски и овозможија на кинеската ЕПТИСА да има увид на технологиите на БЕХТЕЛ.“ – Бојан Стојановски, ВМРО-ДПМНЕ

Ковачевски, пак, им врати дека даваат изјави во очај, негирајќи дека во земјава се шири кинеско влијание.

Тие не се за работа. Тие се за давање изјави и шетање по Македонија со блузончиња на патентчиња, бели капути и трубачи. Тие за тоа се.“ -Димитар Ковачевски, премиер

Не е проектирана ниту една траса од четирите автопати за кои Владата потпиша договор со „Бехтел и Енка“, тежок 1,3 милијарди евра. Не е почнат ни процесот на експропријација на приватните имоти кои се наоѓаат на трасите. За нив треба да се издвојат плус 300 милиони евра.