Нешто помалку од 15 000 македонски граѓани досега се вакцинирале против ковид во Србија, објави српскиот министер за здравство Златибор Лончар, на прес-конференцијата во Белград со министерот за здравство Венко Филипче кој денеска е во посета на институтот „Торлак“ каде ќе се произведуваат вакцини против ковид.

Лончар најави дека за сите овие лица, останува можноста да ја добијат и втората доза во Србија, на истото место каде што се вакцинирале и првично.

– Но можеме да договориме, врз основа на евиденцијата, ако е полесно тие дози да и ги отстапиме на Македонија и таму да се организира нивното вакцинирање. Има нешто помалку од 12 недели да го договориме тоа. Сепак, останува можноста тие да ја добијат и втората доза во Србија, онаму каде што ја примиле и првата, рече Лончар.

Српскиот министер исто така упати апел до македонските државјани кои не живеат таму, немаат бизнис, ниту друг вид на регулиран престој во Србија, закажувањето за вакцинирање во Србија да го прават исклучиво преку сајтот е-управа и да не доаѓаат без закажан термин на пунктовите за вакцинација.

Тој рече дека без најава е можно само ако повторно има нови акции и повици за вакцинирње без термини.