Нашите најдобри ракометари вечерва во арената Борис Трајковски во Скопје ќе ја пречекаат незгодната селекција на Романија предводена од шпанскиот стратег Чави Пасквал.
Црвено жолтите вечерва ја започнуваат мисијата пласман на уште едно големо натпреварување. Избраниците на селекторот Кире Лазаров со поддршка од трибините, прв пат по пауза од две години македонската фаланга ќе биде присутна во арената Борис Трајковски, ќе атакуваат на триумф над Романија со кој би ги направиле првиот исчекор кон посакуваниот пласман на уште еден Мундијал.
Нашите најдобри ракометари во дуелот со незгодната Романија ја имаат улогата на фаворит, што ветуваат и дека ќе ја оправдаат на паркетот во Борис Трајковски и ќе извојуваат уште една вредна победа, без разлика што противникот од клупата го води еден од најдобрите светски тренери, Шпанецот Пасквал.
Романија е веќе добро познат противник за Македонија. Гостите на клупата го имаат Чави Пасквал, па нашите ракометари се свесни дека искусниот стратег добро ќе ги подготви соите играчи, но од другата страна веруваат дека на дело ќе докажат зошто се фаворити на овој дуел.
Селекторот и капитен Кире Лазаров повторно ќе биде на теренот и ќе ги води своите соиграчи кон посакуваната цел, победа над Романија. Подготвен за настап е и искусниот бек Филип Миркуловски кој ја повика публиката во што поголем број да биде присутна во салата и да ги води ракометарите до уште еден успех.
Првиот плеј оф дуел за пласман на Мундијалот во 2023 година меѓу Македонија и Романија се игра вечерва од 19 часот во СЦ Борис Трајковски, ревеншот е на програмата во сабота во Букурешт. Победникот од овој двомеч потоа против силната Чешка ќе се бори за пласман на Светското првенство во 2023 година, во Полска и Шведска.