Министерството за надворешни работи информира дека деветте државјани на Македонија, кои беа затекнати во дел подрачјата во Турција загрозени од последиците од земјотресот, утрово пристигнаа во земјава и се во добра здравствена состојба.
Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваа во Република Турција.
-Веднаш штом беше идентификувана групата, на лице место во загрозениот регион беше испратен дипломат од амбасадата во Анкара, заедно со дополнително возило, за да асистира во повлекувањето на групата сѐ до упатување кон земјава. По првичната медицинска санација на две лица кај кои беа констатирани повреди, групата беше упатена најпрво во Анкара, а потоа во Истанбул каде беше обезбедено сместување, дополнителна медицинска нега и одмор, велат од Министерството.
Засега нема нови информации пристигнати до Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул за други наши државјани кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција. Нашите претставништва остануваат отворени за евентуална интервенција доколку се појави потреба.
Дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, како и СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732.