Ниту еден македонски универзитет не се најде на новата листа „Глобал 2000“, објавена од Центарот за рангирање на светски универзитети, која е составена врз основа на анализа на повеќе од 80 милиони податоци.
Најдобро пласиран универзитет од земјите на поранешна Југославија е Универзитетот во Белград, кој се наоѓа на 393. место. Универзитетот во Љубљана е рангиран на 444. место, а Свеучилиштето во Загреб на 522. позиција.
На листата има уште три универзитети од Србија: Универзитетот во Нови Сад е на 1.136. место, Универзитетот во Крагуевац на 1.549. место, а Универзитетот во Ниш на 1.886. место. Од Хрватска, покрај загрепскиот универзитет, рангирани се и Универзитетот во Сплит на 953. позиција и Универзитетот во Риека на 1.658. место. Од Словенија на листата е и Универзитетот во Марибор, кој се наоѓа на 1.293. место меѓу 2.000 најдобри универзитети во светот.
Првите десет места на глобалната листа годинава ги заземаат Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ, Оксфорд, Принстон, Универзитетот во Пенсилванија, Колумбија, Јеил и Универзитетот во Чикаго. Од нив, осум се во Соединетите Американски Држави, а два се во Обединетото Кралство – Кембриџ и Оксфорд.
Центарот ги оценува универзитетите според четири критериуми, без анкети и без податоци доставени од самите универзитети: квалитет на образование, кој носи 25 проценти од оценката, вработливост на дипломираните студенти со 25 проценти, квалитет на наставниот кадар со 10 проценти и истражувачка работа со 40 проценти. За годинашното рангирање биле анализирани 81 милион податоци врз основа на конкретни резултати.
Харвард, Стенфорд и МИТ се меѓу најцитираните универзитети во светот. Кина има 360 универзитети меѓу првите 2.000, Јапонија има 102, предводени од Универзитетот во Токио на 13. место, а Обединетото Кралство има 89 институции на листата. Кембриџ е најдобро рангиран јавен универзитет во светот 13-та година по ред.
Франција има 71 претставник на листата, а најдобро рангирана институција е Универзитетот ПСЛ, кој се наоѓа на 20. место. Русија, предводена од Московскиот државен универзитет на 264. место, има 42 универзитети меѓу првите 2.000.
