Македонското друштво „Илинден“–Тирана побара официјалната веб-страница на Општина Пустец, покрај на албански, да биде достапна и на македонски јазик.

Официјалното барање е доставено до градоначалникот на Пустец, претседателот на Општинскиот совет и до членовите на Советот. Од друштвото посочуваат дека иницијативата се темели на Законот бр. 96/2017 за заштита на националните малцинства во Албанија.

Со законот се гарантира правото на националните малцинства да го користат својот јазик во комуникацијата со органите на локалната самоуправа во средините во кои традиционално живеат.

Од „Илинден“ оценуваат дека воведувањето македонска верзија на општинската веб-страница ќе биде важен чекор кон практична примена на правата на македонското национално малцинство. Според нив, тоа ќе им овозможи на граѓаните полесен пристап до јавните информации и ќе ја подобри комуникацијата со локалните институции.