Куќата во скопско Тафталиџе на Арбен Таравари, актуелен градоначалник на Гостивар и лидер на Алијансата за Албанците, по цена далеку пониска од пазарната му ја продал пратеникот од ДУИ,  Исмаил Јахоски, кој пет мандати беше градоначалник на Пласница и чие семејство е сопственик на „Пуцко петрол“. „Макфакс“ дојде до официјалниот документ, кој покажува дека последниот сопственик на куќата во Тафталиџе пред Таравари да ја купи бил пратеникот Јахоски заедно со сопругата, Љупка-Еда Јахоска.

Со купувањето на куќата, Таравари во соседството е опкружен со видни бизнисмени, но и политичари од партијата ДУИ. На неколку чекори од неговиот двор живее министерот за финансии, Фатмир Бесими. На истата улица кај Бесими куќа има и бизнисменот Фатмир Етеми, кој е поранешен пратеник од ПДПА, кој изгради деветкатница кај „Мајчин дом“ во Аеродром.

Иако му ја продаде куќата, семејството Јахоски останува прв сосед на Таравари оти Љупка-Еда Јахоска, според податоците од Катастарот, е сопственичка на соседната парцела.

Историјатот од Катастарот покажува дека Јахоска во 2013 станала сопственичка на куќата што денес ја поседува Таравари. Делела по една половина со Иса Јаоски. Во 2017 година делот од Иса Јаоски како дар го добил пратеникот Јахоски. По четири години, во 2021 година, врз основа на договор за купопродажба како сопственик е внесен Таравари.

Таравари во анкетниот лист истовремено ги пријавил куќата од 150 илјади евра и кредит од 100 илјади евра

Според анкетниот лист пријавен во Државната комисија за спречување корупција, Таравари за квадратен метар платил 576,5 евра, иако пазарната цена за квадрат надминува 1.500 евра и сега и во 2021 година кога била направена купопродажбата. Извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) покажуваат дека и во 2019 година, две години пред Таравари да ја купи куќата, просечната цена на квадрат во Скопје била 1.000 евра, а од тогаш наваму цените се во постојан пораст.

Таравари смета дека цената од 150 илјади евра за 261 квадрат во Тафталиџе е реална и нагласува дека цените сега и пред две години се разликуваат

Таравари, за „Макфакс“ сепак тврди дека платил реална цена за куќата и не даде никаков коментар на обвинувањата за партиски пазар и сомнеж за корупција.

„Куќата е купена во јуни 2021 година со комплетно уредна документација. Пријавена е во анкетниот лист уште 2021 година, а според состојбата во која беше купена куќата во 2021 година, таа ѝ е реалната цена за тоа време. Инаку, цените на становите и куќите сега и пред две години се разликуваат“, рече Таравари.

Пратеникот Јахоски вели дека има обичен мобилен и не ги гледа пораките со прашања за купорподажбата

Пратеникот од ДУИ, Јахоски, не одговори на прашањата од „Макфакс“ зошто му направил попуст на Таравари и со тоа оставил простор за сомнеж за корупција и политички пазар, како што обвинува опозицијата.

„На седница сум“, рече пратеникот, кој самиот се јави во „Макфакс“ оти, како што рече, му стигнала празна порака, но спушти слушалка кога ги слушна прашањата што му беа испратени во пораката. Рече дека има обичен телефон и не гледа прашања, а не одговори ниту на прашањата испратени по имејл.

Таравари, истовремено со купувањето на куќата за која навел дека вреди 150 илјади евра, во анкетниот лист пријавил и кредит од 100 илјади евра.

Државната комисија за спречување корупција ги истражува сите наводи во анкетниот лист на Таравари, вклучително и цената на куќата.

„Имаме предмет за Таравари, но сè уште се работи и во овој момент немаме исход што би можел да се соопшти“, вели Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за „Макфакс“.

Управата за финансиска полиција, пак, како најповикана институција за следење на патот на парите и откривање криминал во функционерските кругови, една недела не одговара на прашањата од „Макфакс“ за цената што Таравари ја платил за куќата по јавно искажаните сомнежи за корупција ниту, пак, извести дали на кој било начин оформиле предмет за овој случај. Новиот директор на Управата, Горан Иванов, не контактира со медиумите, освен во случаи кога  Управата преку соопштение, еднострано, ѝ се обраќа на јавноста. За случајот на Таравари, досега од оваа институција немаше соопштение.