Разрешувањето на министрите од Алтернатива, како што најавија, не го поддржаа ниту пратениците од „огнената група“ во ДУИ.

Пратеникот Скендер Реџепи Зејд, како што најави претходно, денеска во Собранието го поддржа разрешувањето на министерот за здравство Беким Сали, но гласаше „против“ разрешувањата на министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити и министерот без ресор задолжен за дијаспора Џемаил Чупи.

 

Оттука доаѓа и разликата во бројките при денешното гласање во кое за разрешување на Сали вкупно 65 пратеници гласаа „за“, без ниту еден „против“ или „воздржан“, додека за Алити имаше по 64 гласа „за“ и по еден „против“.

Реџепи Зејд им беше сопартиец на разрешените министри во Алтернатива, но од јуни лани тој излезе од пратеничката група и оттогаш дејствува како независен пратеник во Собранието.

На иста линија со него кога се во прашање партиските поделби е и заменик-министерот Диам Лучи, кој е единствениот функционер од Алтернатива за кого премиерот Димитар Ковачевски не предложи разрешување.

 

Лучи неодамна излезе со обвинувања кон партискиот лидер Африм Гаши, како и кон Беким Сали, обвинувајќи дека бил бојкотиран од нив и оти излегува од Алтернатива додека двајцата се дел од раководството.

 

Лучи обвини и дека Гаши решил да ја напушти Владата само поради тоа што се разрешува, како што рече, неговиот пријател Беким Сали.

Инаку, при денешното гласање во Собранието, разрешувањето на министрите, како што најавија и тие, не го поддржаа ниту пратениците од „огнената група“ во ДУИ, која изминатиот период константно изразува револт од партијата и нејзините кадри во извршната власт, пред сè, првиот вицепремиер Артан Груби.

 

Во Собранието има тројца „огнени“ пратеници: Изет Меџити, Мерита Колчи-Коџаџику и Кастриот Реџепи. Покрај разрешувањето, тие најавија дека нема да го поддржат ниту изборот на нови министри.