Францускиот претседател Емануел Макрон остро ги критикуваше САД и Израел поради воената инвазија на Иран, предупредувајќи дека воените интервенции не можат да бидат средство за соборување на режими.

Обраќајќи се пред студенти на универзитетот Јонсеи во Сеул, Макрон оцени дека светот се наоѓа во исклучително сложена ситуација и дека се доведува во прашање кредибилитетот на меѓународниот поредок.

„Ако почнеме да ја оправдуваме воената интервенција врз основа на тоа што не ни се допаѓа одредена земја или режим, кредибилитетот на напорите за зачувување на меѓународното право неизбежно ќе пропадне“, предупреди Макрон.

Тој директно го критикуваше Вашингтон за нарушување на глобалната рамнотежа, потсетувајќи дека меѓународниот поредок се темели на норми договорени во рамки на Обединетите нации.

„Сепак, со оглед на тоа што Соединетите Американски Држави независно ги потресоа тие принципи, сега сме сведоци на појава на двојни стандарди“, додаде Макрон.

И покрај критиките кон Иран, францускиот претседател истакна дека воените операции нема да донесат решение.

„Иран има многу лош режим, нема дебата за тоа. Не се согласувам со нив за многу теми. Но, не верувам дека ќе ја поправиме ситуацијата само со бомбардирање или воени операции“, рече Макрон.

Тој се повика и на претходни конфликти, наведувајќи дека слични интервенции не донеле резултати.

„Погледнете што се случи со ваков тип операција во Ирак, во Авганистан, во Либија, никогаш не дојдовме до решение. Никогаш. Дури ни по 20 години“, истакна францускиот лидер.

Макрон нагласи дека суверенитетот на секоја држава мора да се почитува и дека промената на режимот треба да дојде од самите граѓани.

Како приоритет, тој повика на итен прекин на огнот, почеток на преговори и воспоставување меѓународен надзор врз нуклеарните активности на Иран.