Францускиот претседател Емануел Макрон официјално не објави дека ќе се кандидира на претседателските избори во април, но сè уште прави долгорочни планови за земјата, а неговиот предизборен тим активно се среќава со гласачите, коментираат француските медиуми.

Поради сето тоа тој е цел на критики дека неправедно ја користи претседателската функција за кампања за вториот мандат, а притоа го одложува објавувањето на кандидатурата, иако до првиот изборен круг на 10 април остануваат неполни два месеци.

Макрон минатиот месец рече дека сака да се кандидира, но оти ќе чека да се подобри ситуацијата со пандемијата пред да донесе одлука. Рокот за формално изјаснување на кандидатурата е 4 март.

Тој рече и дека сака прво да се фокусира на украинско-руската криза, поради која минатата недела ги посети Москва и Киев.

Сепак, критичарите велат дека неговите неодамнешни патувања во француските области се повеќе наликуваат на претседателска кампања, бидејќи при посетата на северот најави инвестиција од 100 милиони евра за зајакнување на економијата во таа област.

Претседателскиот кандидат Ерик Земур од екстремната десница го обвини Макрон дека го користи аргументот за пандемијата за да ги натера француските гласачи да го заборават она што тој го смета за „пад на Франција“.

Шефот на Републиканската партија, Кристијан Џејкоб, ја осуди „злоупотребата на народните пари“ и рече дека за тоа пријавил до Националната комисија за финансирање на избори.

Франција има строги правила за финансирање на претседателската кампања. Поранешниот претседател Никола Саркози минатата година беше осуден на една година домашен притвор поради незаконско финансирање на кампањата.

Партијата на Макрон веќе почна таканаречена „кампања за претседателско мнозинство“ која ја промовира низ целата земја преку постери и летоци кои упатуваат на веб-страницата наречена „Со вас“.

На страницата не се споменува името на Макрон, но граѓаните се поканети да се претплатат на билтенот за да можат да следат вести за кампањата.

Уставниот совет неодамна соопшти дека Макрон бил првиот што собрал 500 потписи на функционери кои според францускиот закон се неопходни за поднесување кандидатура на претседателските избори.