Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска учествува на Самитот на Европската Унија и Западен Балкан во Црна Гора, соопшти дека на маргините на состанокот во Тиват остварил средби со германскиот канцелар Фридрих Мерц и со францускиот претседател Емануел Макрон.
Со Мерц разговарале за европските перспективи на Западен Балкан
На средбата со германскиот канцелар се разговарало за европската перспектива на регионот, предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, како и за значењето на продлабочувањето на соработката и процесот на европска интеграција.
„Ваквите средби претставуваат можност за градење нови партнерства и зајакнување на врските кои се од значење за иднината на нашиот регион“, порача Мицкоски по разговорот со Мерц.
Средбата со Макрон поминала во пријателска атмосфера
Премиерот остварил средба и со францускиот претседател Емануел Макрон, за која наведе дека се одвивала во пријателска и срдечна атмосфера. Според Мицкоски, Франција е една од највлијателните европски држави, поради што е значајно разговорите да бидат отворени, директни и со јасно изразени очекувања.
„Разговаравме за регионот, за прашањата важни за иднината на нашите граѓани и за европските перспективи, теми на кои долго време работиме. Нашата цел е да градиме пријателства, да отвораме врати и да обезбедиме поголемо разбирање и поддршка. Продолжуваме посветено и со јасна цел цврсто да чекориме напред“, порача Мицкоски во објавата на Фејсбук.
Германија и Франција предлагаат постепена интеграција на кандидатите
Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, Германија и Франција подготвија нон-пејпер насловен „Нов моментум за проширувањето“, кој претставува разработка на писмото што германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна го испратил до раководителите на институциите на Европската Унија.
Во фокусот на документот се државите од Западен Балкан и Молдавија, а се промовира пристап на постепена интеграција за земјите кандидатки. Во нон-пејперот се посочува дека новиот модел би обезбедил непосреден и опиплив напредок за сите кандидати.
Намерата, како што се наведува, не е да се замени полноправното членство или да се продолжи патот до него, туку да се создадат дополнителни поттикнувања што ќе овозможат побрзо напредување во процесот.
Документот претставува основа за дискусиите на денешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват, на кој во центарот на вниманието е проширувањето на Европската Унија.
