Максим Димитриевски ќе брка трет мандат
Максим Димитриевски ќе брка трет мандат за градоначалник на Куманово, потврди денеска Игор Филков, претседавач на Централниот одбор на ЗНАМ. Информацијата ја соопшти на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали партијата преговара со ВМРО-ДПМНЕ за заеднички настап на локалните избори.
Филков истакна дека преговорите со коалицискиот партнер сè уште се во тек. Меѓутоа, според него, веќе е сигурно дека во Куманово ЗНАМ ќе настапи со свој кандидат.
„Во моментот преговорите се во тек. Но, она што можам да го потврдам сигурно е дека ние ќе имаме кандидат во градот Куманово, тоа е нашиот претседател Максим Димитриевски. Ќе имаме најмалку едно градоначалничко место во општините во Град Скопје, но и други места ширум републиката за кои сѐ уште траат преговорите“, рече Филков.
ЗНАМ ја формираше Градската организација во Скопје, Лабудовиќ избран за претседател
На денешната прес-конференција, Филков информираше и за официјалното формирање на Градската организација на ЗНАМ во Скопје. За нејзин претседател едногласно бил избран Мирослав Лабудовиќ, магистер по електротрехника и информациски технологии.
Лабудовиќ е воедно и актуелен заменик-министер во Министерството за енергетика. Според Филков, новоформираната организација е дел од пошироката стратегија на партијата за подготовка за претстојните локални избори.