Мал спортски авион денеска околу 12:35 часот паднал во Мавровското езеро, во близина на браната „Белички канал“, а двајца косовски државјани успеале сами да излезат на копното, соопшти МВР. Според пријавата поднесена до СВР Тетово – ОВР Гостивар, леталото завршило во водата поради проблем со моторот.

Од авионот излегле 41-годишниот Џ.П. и 64-годишниот Д.М., кој го управувал леталото. Двајцата се повредени и со возило на итна медицинска помош биле пренесени во Медицинскиот центар во Гостивар.

Полициски службеници од Полициското одделение Маврово веднаш пристигнале на местото на настанот. „Во разговор со нив Д.М. изјавил дека поради проблем со моторот слетал во езерото“, информира МВР.