По 70 дена поминати во постојана борба за живот и медицинска неизвесност, бебето Елора ја извојува својата најважна животна победа. Таа успешно го заврши престојот на Одделот за интензивна нега и терапија (ОИНТ) и беше испишана од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Борбата на новороденчето започнала прерано, кога се родило во 29-та гестациска недела со тежина од само 900 грама. Медицинскиот персонал и семејството водеа деноноќна битка за нејзиното стабилизирање во текот на повеќе од два месеци болничко лекување.
„Со тежина од само 900 грама, ова мало девојче влезе во светот многу потивко од сите останати, но со волја за живот поголема од секој предизвик. Секој еден од тие 70 дена беше нова битка, секој здив и секоја секунда беа исполнети со надеж и тивки молитви. Со невидена храброст, Елора се избори со сите потешкотии што и ги постави почетокот на животот. Денес, со малите рачиња и силната душа, таа прерасна во вистински мал борец од 2000 грама. Најтоплиот момент пристигна кога малата хероина конечно заспа сигурна во топлите прегратки на мама Рина и тато Мухамед. По сите непреспиени ноќи и денови исполнети со грижа, тие конечно го затворија поглавјето на болничкиот оддел за да го започнат најубавото патување — животот дома, заедно“, истакнуваат од Клиниката за гинекологија и акушерство.
По успешниот третман, девојчето ја достигна тежината од 2.000 грама и замина во семејниот дом со своите родители, оставајќи порака дека вистинската големина лежи во животната храброст.
