Колумна на проф. д-р Самоил Малчески
Секојдневно сме бомбардирани со реклами и пофалби на актуелната власт за нивните успешни политики и како тоа тие успешно се снаоѓаат во овие тешки времиња. Работата отиде до таму што деновиве го слушаме Ковачевски како се жали дека по цели ноќи не спиел за да обезбеди храна додека опозицијата блокирала и била деструктивна. Да не ги знае човек, дури и ќе ги сожали, но, дали се за сожалување?
После последната анализа за производството на житни култури, сончоглед и ориз да видиме што говорат бројките за сточарското и живинарското производство во Република Македонија. Свесни дека резултатите од политиките во сточарското и живинарското производство не може да дојдат преку ноќ во презентацијата на бројките ќе дадеме споредба на периодот 2013 до 2016 и периодот 2017 до 2020 година, со тоа што мора да напоменеме дека за 2021 година сеуште нема официјални податоци публикувани од Државниот завод за статистика. Исто така за да добиеме појасен приказ на состојбите ќе направиме и споредба бројките за 2016 година со оние за 2020 година.
Број на добиток и живина
За почеток ќе почнеме со бројот на добиток и живина. Во периодот 2013 до 2016 година во просек сме имале 247 038 говеда, додека пак во периодот 2017 до 2020 година во просек од 237 757 говеда. Бројките укажуваат дека имаме намалување од 4%. Но, веќе погоре споменавме дека ефектот од политките не може да биде преќу ноќ и затоа ќе ја земеме споредбата 2016 со 2020 година. Во 2016 година имало 254 768 говеда, додека пак во 2020 година нивниот број изнесува 237 757 или за 13% помалку. Иста е состојбата и со кравите и стелните јунци. Во периодот 2013 до 2016 година во просек имало 156 805, додека пак во периодот 2017 до 2020 имало во просек 150 727 или за 4% помалку. Ако се споредат 2016 со 2020 година намалувањето е за 12%.
Исто е и со свињите. Во периодот 2013 до 2016 година во просек имало 182 687 свињи, додека пак во периодот 2017 до 2020 година тој број изнесува 174 395 или за 4,5% помалку. Ако се спореди 2016 со 2020 година, може да се види дека во 2016 година бројот на свињи бил 202 758, додека пак во 2020 година тој број изнесува 174 395 или за 19% помалку. Состојбата не е поразлична и во бројот на маторици и спрасни назимки, во периодот 2017 до 2020 година во споредба со перидот 2013 до 2016 година нивниот број се намалил за 11%. Ако пак се споредат 2016 со 2020 годинам во 2016 година сме имале 25 478, додека во 2020 бројот на маторици и спрасни назимки изнесувал 16 668 или за 34% помалку.
Бројките за овците исто така се поразителни. Имено, во периодот 2013 до 2016 година во просек сме имале 732 273 овци, додека во периодот 2017 до 2020 година нивниот број во просек изнесувал 691 684 или 6% помалку. Споредбата на 2016 со 2020 година говори дека во 2020 година сме имале за 13% помалку овци од 2016 година. Во податоците на ДЗС посебно се прикажани и овците за приплод. Нивниот број во периодот 2013 до 2016 година во просек бил 549 673, додека пак во периодот 2017 до 2020 година во просек имало 538 779 или бројот се намалил за 2%. Но, ако се спореди 2016 со 2020 година намалувањето во 2020 година во споредба со 2016 година е за 15% или од 555 932 во 2016 бројот се намалил на 47 6914 во 2020 година.
Најкатастрофална е состојбата со коњите. Во периодот 2013 до 2016 година во просек сме имале 19525 коњи, додека пак во 2017 до 2020 година сме имале 11 524 или нивниот број се намалил за 40%. Ако се споредат 2016 со 2020 година намалувањето изнесува 52%.
Намалување има и кај живината и тоа за 12%. Имено во периодот 2013 до 2016 година во просек сме нивниот број бил 1 942 086, додека пак во периодот 2017 до 2020 година тој број изнесувал во просек 1 718 502. Истиот процент на намалување од 12% е и ако се спореди 2016 со 2020 година.
Производство на млеко, волна и јајца
Вкупното производство на млеко, кравјо и овчјо, во Република Македонија во периодот 2017 до 2020 година во споредба со периодот 2013 до 2016 година пораснало за 3%. Малку чудно бидејќи имаме намалување на добиточниот фонд. Ова најмногу се должи на фактот дека во 2019 и 2020 година се прикажани 3 438 и 3 649 литри млеко по молзна крава, соодветно. Ако се споредат податоците со сите претходни години ќе се види дека има големо отстапување во вака презентираните бројки. Доколку пак, повторно ги споредмите 2016 со 2020 година може да заклучиме дека во 2020 се произвело за 3% помалку млеко од 2016 година.
За бројките за производство на кравјо млеко веќе зборувавме, но да видиме што се случува со бројките во прозиводството на овчјо млеко. Во перидоот 2013 до 2016 година во просек се произвеле 37 932 литри млеко, додека пак во периодот 2017 до 2020 производството во просек изнесува 33552 литри млеко или за 12% помалку. Ако се споредат 2016 со 2020 година имаме намалување од 34% или од 41 046 литри во 2016 прозиводството паднало на 26 925 литри во 2020 година.
Тука треба да напоменеме дека податоците покажуваат дека имаме намалување и кај производството на волна и тоа за 10%, а производството на јајца се намалило за 14% во споредените периоди.
Производство на месо
Вкупното производството на месо е посебна ставка која треба се анализира и да се спореди со движењето на бројот на грла. Имено во периодот 2017 до 2020 година имаме за 5% во просек поголемо производство на месо во споредба со периодот 2013 до 2016. Ова најмногу е изразено во производстото на свинско месо кое поголемо за 28% во периодот 2017 до 2020 во споредба со 2013 до 2016. Ако се споредат податоците од 2016 со тие од 2020 зголемувањето во производстово е за 17%. Ова делува логично ако се погледнат податоците за вкупното намалување на бројот на свињи презентирани погоре.
За разлика од производството на свинско месо, намалување на производството имаме кај говедското, овчото и месото од живина. Кај производството на говедско место имаме во просек намалување за 32% во периодот 2017 до 2020 во спроредба со периодот 2013 до 2016 година или од просечно 4 946 тони сме спаднале на 3 347 тони. Кај овчјото месо од просечно 4 249 тони во периодот 2013 до 2016 година сме спаднале на просечно 3362 во периодот 2017 до 2020 година или намалување за 21%. Слично е и кај живината, или од просечно 1 763 тони во периодот 2013 до 2016 година сме спаднале на просечно 1 550 во периодот 2017 до 2020 година. Намалување од 12%.
Наместо заклучок
Погоре презентираните податоци покажуваат дека во последните неколку години, а посебно по 2018 година состојбите во земјоделството се катастрофални и согласно тенденциите допрва ќе се влошуваат. Станува збор за лоши политики на Влада која е една од најлошите во историјата на Република Македонија. Ова со сигурност можам да го кажам бидејќи, ниту во 1999 година кога имавме воен конфликит во соседството, нути во 2001 кога имавме војна на територија на Република Македонија, а ниту и во двете сериозни економски и финансиски кризи во 2009 и 2012 година сме немале вакво цунами во државата. Оттука, бројките кои ги публикува ДЗС говорат за потребата од неотповиклива оставка на Ковачевски и неспособната Влада и одржување на парламентарни избори во најкраток можен рок.
Пишува, Проф. д-р Самоил Малчески