Утре СДСМ добива нов челник, но не и нови политики кои ќе бидат во интерес на граѓаните. Политичкиот аналитичар Самоил Малчески во интервју за Лидер вели дека изборот на нов претседател во Социјалдемократскиот Сојуз нема да донесе ништо ново, напротив, новото раководство ќе се обедини и ќе продолжат на истиот колосек, а тоа е обединување околу корупцијата!
Утре и опозицијата бира нов лидер, на кој се поизвесно е дека членството ќе го реизбере Мицкоски. Неговиот реизбор според Малчески ќе значи продолжување на иделологијата и освежување со нови луѓе кои треба да бидат носители на победата на следните предвремени парламентарни избори.
ЛИДЕР: Во недела СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ бираат нов претседател на партијата. СДСМ изборот на претседател го врши преку внатрепартиски избори, а членството треба да одлучува помеѓу Димитар Ковачевски, Фросина Ременски и Јован Деспотовски. Што може да се очекува? Нови политики или само нов челник?
Има една народна која вели „Волкот го менува крзното, но не и навиките.“ Самиот диригиран избор или фаворизирањето на еден кандидат од страна на партискиот врв говори дека СДСМ ќе добие само нов челник, но не и нови политики кои пред се треба да бидат во интерес на граѓаните на Република Македонија.
ЛИДЕР: Димитар Ковачевски е фаворит на актуелното раководство на СДСМ. За што се борат највисоките функционери во СДСМ, за спроведување на програмата на Ковачевски или за задржување на своите позиции?
Никаде во свет и во ниедна книга по политички науки нема да прочитате дека демократијата значи фаворизирање на еден кандидат од највисокиот врв на една партија. Фаворизирањето на решение како Ковачевски не значи ништо друго освен добар пазар во врвот на СДСМ за зачувување на своите позиции. Како дополнителен е и фактот дека на раоводството на СДСМ им се брза да организираат „избори“, па сето тоа го прават во екстремно кратки рокови.
ЛИДЕР: Може ли новиот претседател на СДСМ да ја обедини партијата и да ја врати во колосек?
Ако убаво се погледнат податоците за владеењето на СДСМ, барем оние што ни се достапни, а тоа се за периодот 2002-2006 и од 2017 година наваму единствено нешто што е константа за СДСМ е корупцијата. Според Transparency International секогаш кога СДСМ е на власт во Македонија ние бележиме невидени успеси, а 2020 година сме на рекордното 111 место. Оттука, за очекување е дека ќе продолжат на истиот колосек, а тоа е обединување околу корупцијата!
ЛИДЕР: Ваше очекување, дали новиот лидер на СДСМ ќе биде и Премиер на државата?
Логично е да новиот претседател на СДСМ биде и мандатар на новата Влада. Но, кога станува збор за СДСМ и Заев мене ништо не би ме изненадило. Оттука, би се воздржал од коментар, да почекаме да видиме што испланирале!
ЛИДЕР:На редовениот конгрес на ВМРО ДПМНЕ во недела се очекува Христијан Мицкоски повторно да ја добие довербата од членовите на партијата за нов лидерски мандат. Што ќе значи неговиот реизбор?
Мицковски стана претседател на ВМРО ДПМНЕ во еден многу тежок период за партијата, после катастрофално загубени локални избори, внатрешни поделби, блокирани имот и сметки, како и жесток притисок од страна на хибридниот режим. ВМРО ДПМНЕ изминатиот период беше фокусирана на внатрешни реформи кои пред се се однесуваа на имплементирање на новите партиски Статут и акти. На Конгресот ќе биде усвоена нова партиска Доктрина, а од самата партија најавуваат и кадровско освежување. Тоа би значело зацврстување на иделологијата и освежување со нови луѓе кои заедно со актуелното раководство и Градоначалниците од редовите на ВМРО ДПМНЕ треба да бидат носители на победата на следните предвремени парламентарни избори.
ЛИДЕР: Го окрупнува ли Мицкоски членството со враќање на старите кадри на високите партиски позиции?
Чинам дека таа инклузивност е внимателно насочена, поточно ако добро се воочат фактите може да се заклучи дека не сите поранешни кадри се обединуваат. Направена е добра проценка кој од нив може да допринесат во овој тежок период за Македонија. Ние сме мала држава во која се поретко може да се најдат квалитетни луѓе со искуство, знаења и вештини. Во услови кога државата е рекордер во корупција, рекордно е задолжена, со нула реформи и со два извештаи од ЕК во кои се бележат уназадувања или стагнирања скоро во секое од поглавјата за преговори, секој од нас е потребен ако сакаме Република Македонија да ја направиме поубаво место за живеење.
ЛИДЕР: Дали економската и енергетска криза наговестуваат нови предвремени избори напролет или власта има стабилно мнозинство кое ќе истурка полн мандат до 2024 година?
Јас би почекал да го видиме тоа мнозинство во Парламентот. Иако договорот Заев-Гаши е постигнат пред неколку дена, ние сеуште сме сведоци дека Парламентот е блокиран и не е функционален. Она што е битно во овој момент е дека во Парламентот моментално тече процедурата за усвојување на буџетот за 2022 година. Притоа, ако се анализира буџетот може да се дојде до заклучок дека во суштина за Владата нема економска и енергетска криза и воопшто во буџетот немаат димензионирано мерки за истите. Оттука, состојбите само ќе се влошуваат, а со тоа и нервозата во Владината коалиција, пред се кај помалите Владини партнери кои ни криви ни должни ќе страдаат од лошите и расипнички политики на СДСМ. Според мене предвремени парламентарни избори се единствен излез од кризата, бидејќи секако оние кои ги створија проблемите и ја доведоа Македонија во ваква незавидна положба, не може да се дел од решенијата, едноставно нема што да понудат!